За искрено пријателство меѓу двете земји и двата народи, за позитивните придобивки од Договорот од Преспа, за процесите во македонското Собрание и грчкиот Парламент, за членството во НАТО, претстојните претседателски избори кај нас, но и за кандидатурата за Нобеловата награда за мир, говори македонскиот премиер Зоран Заев во интервју за грчкиот весник „Ефимерида тон синдактон“, јави МИА од Атина.
Во опширното и детално интервју на три страници, премиерот вели дека Договорот од Преспа во иднина не може да се промени, а изразува надеж дека решението меѓу Македонија и Грција ќе добие зелено светло од пратениците и во двете земји, но не ја крие и неговата загриженост.
-Да, загрижен сум, како што сум загрижен и за нашето Собрание, бидејќи, на крајот, гласаат пратениците, одговара Заев во однос на претстојните процеси во грчкиот Парламент, едниот за ратификација и на договорот, другиот за ратификација на протоколот за членство во НАТО.
-Јас и мојот добар пријател Алексис донесовме одлуки и го презедовме целиот политички ризик бидејќи веруваме дека ова е правилната одлука за иднината на нашите татковини, вели Заев и потенцира дека според официјалните статистички податоци, во последните 10 месеци трговијата меѓу двете земји се зголемила за 18,7 отсто.
Никој не може да го смени Преспанскиот договор
Во однос на процесот кај нас, вели дека во овој момент не знае колку пратеници ќе гласаат „за“, но верува дека ќе бидат над 80. Објаснува дека во тек е процесот на поднесување на амандмани за уставните амандмани
-Секако, процесот се води во консултација со грчката Влада, бидејќи е важно да биде во духот на Договорот од Преспа, со единствена цел зајакнување на нашето пријателство, вели Заев.
Премиерот, преку грчкиот весник, упатува порака до грчките граѓани дека сите одлуки што се носат од македонските институции се засекогаш.
-Процесот во нашите земји е неповратен. Не постои можност некој да го смени Договорот од Преспа. Пред сѐ, станува збор за закон и исто така тоа е уставна промена. Го променивме нашиот Устав бидејќи веруваме во подобра иднина за нашите граѓани и за целиот регион и за да пратиме порака до Европа за европски Балкан. И навистина, Грција има право да биде земја лидер на Балканот, коментира македонскиот премиер во интервјуто.
Во однос на одбивањето на македонскиот претседател да ја потпише ратификацијата на договорот, Заев вели дека постојат алтернативни можности, но она што сега има предност се уставните измени.
За реакциите од опозициите и во Македонија и во Грција, Заев коментира дека тие се идентични.
-Исти критики. Како да се браќа близнаци. Она што го знам е дека нашата опозиција посакува да помине договорот за да нѐ критикува. Го почитувам господинот Мицотакис, како и секој грчки политичар. Зошто да не му даде шанса на договорот, поддржувајќи го? Сепак, можеби ќе го поддржи барањето за наше членство во НАТО, зошто да не? Секако оние кои што на крајот одлучуваат се граѓаните и вреди да даваме можност за решенија, објаснува македонскиот премиер и додава дека искуството од минатото покажало дека отсуството на договор не донело ништо позитивно, а политиката од минатото нанела штета и врз двете земји.
Со Алексис го охрабривме процесот
Говори и за политиката на неговиот претходник Никола Груевски и проектот „Скопје 2014“ за кој објаснува дека чинел една милијарда евра, но и дека бил провокација за Грција.
Заев истакнува дека кога Ципрас дошол на власт испратил позитивна порака до нашата земја, а истото го сторил и тој со преземањето на премиерската функција.
-Овие (пораки) подготвија една минимална атмосфера во нашите кабинети, а пред сѐ кај министрите Коѕијас и Димитров за да седнат и да започнат разговори. Потоа, во Давос, со Алексис го поддржавме и го охрабривме процесот, таму искрено си ги отворивме душите, за два часа станавме многу добри пријатели и често разговараме за тоа колку си ги сакаме нашите земји, за тоа дека веруваме дека новото пријателство ќе донесе само позитивни резултати и подобра иднина за граѓаните од двете држави, објаснува Заев и додава дека тие биле свесни дека сето тоа може да има цена во нивните лични и политички кариери, но се потрудиле да бидат поразлични од нивните претходници.
Прашан за руските реакции, македонскиот премиер вели дека ние сме мала, но пријателска земја која што сака да ги зајакне односите и со Русија, но објаснува дека над 80 отсто од граѓаните се за евро-атлантска интеграција. Смета дека членството во НАТО ќе донесе мир и гаранции за мир на Балканот.
-Ние сме мирна и пријателска земја. Сакаме преку нашето членство во НАТО да донесеме мир. Сакаме овој мир да го шириме за нашата земја, за целиот регион, учествувајќи во мировни мисии во целиот свет за борба против тероризмот, радикализмот и екстремизмот, вели Заев и додава дека во овој момент, Македонија е црна дупка на Балканот бидејќи сите земји од регионот се веќе членки на НАТО.
Македонскиот премиер вели дека преку еден пријателски начин, со голем политички ризик, но во интерес на земјите, може и Србија и Косово да најдат решение како што тоа го сторија Македонија и Грција и додава дека „откривме алатка која што може да се користи од целиот свет“.
-Со голема внимателност ја донесовме секоја одлука за да не се навреди ниту една страна. Тоа е пријателскиот начин. Ова може да се користи како пример, не само од Србија и Косово, туку и од други региони во светот, вели Заев.
Претседателот не ги исполни очекувањата
Во однос на Нобеловата награда за мир, кога тој и грчкиот премиер беа предложени, Заев во интервјуто открива дека му пишал порака на Ципрас дека е голема чест, Ципрас му одговорил дека „најголемата награда за нас е нашето пријателство и подобрата иднина за нашите земји и нашите граѓани“.
Вели дека е среќен е бидејќи што има нов пријател и се надева дека во иднина со Ципрас ќе се сретнат во Скопје или Атина, „секогаш со надеж и убедување дека двете земји и граѓаните може да бидат искрени пријатели“.
-Ќе направам се по гласањето да ѝ покажам на Грција, практично, предностите на договорот. Мојот мандат завршува во 2020. Ќе посветам голем дел од мојот мандат за да им покажам на грчките граѓани дека постојат само позитивни точки, истакнува македонскиот премиер во интервјуто за „Ефимерида тон синдактон“.
Заев објаснува дека нема да биде кандидат за претседател бидејќи не сака да ја загуби радоста на моментот кога ќе се имплементира договорот. Вели дека „следниот претседател треба да ги претставува сите граѓани, бидејќи сегашниот, со целата почит, еден демократски политичар не ги исполни очекувањата во целост.
Заев во опширното интервјуто на три страници, говорејќи за грчкиот премиер вели дека е „неговиот пријател Алексис“, а го споменува и истакнува пријателството меѓу двете земји и двата народи што дополнително ќе се зајакне по стапувањето на сила на Договорот од Преспа и ќе донесе корист и придобивки и за двете страни. Објаснува дека меѓу него и Ципрас постои доверба.