Премиерот Зоран Заев, кој заедно со министрите за здравство и за надворешни работи, е заминат за Софија каде ноќеска се случи тешка сообраќајна несреќа во која загинаа најмалку 45 лица, во изјава за МИА вели дека разговарал со еден од преживеаните кој го информирал дека се слушнала силна експлозија.
– Во контакт сум со премиерот Стефан Јанев кој веќе ги посети луѓето. Имав прилика да разговарам со еден од преживеаните. Тој објасни дека спиеле во автобусот која се слушнала силна експлозија. Успеале да скршат еден од прозорците и да се спасат неколку луѓе. За жал, другите не успеале. Се работи за страшна трагедија заради тоа што најмногу се деца – 12 деца се помали од 18 години, а и другите се млади луѓе на околу 20-30 години. Најголем дел се наши граѓани, но има и од Србија, изјави Заев за МИА.
Веројатно, како што рече, се враќале од екскурзија, но сепак деталите за ова дополнително ќе се утврдат.
– Се уште не ги знаеме сите информации бидејќи насочени сме кон преживеаните, да видиме дали се добри, дали некој е во животна опасност. Ќе ги дознаеме првичните информации од бугарските служби, а потоа ќе се утврди кои биле дестинациите од кои се враќале, како и сите преостанати детали, вели Заев во изјавата за МИА.
Радев изрази сочувство до Пендаровски за настраданите во несреќата во Бугарија
Бугарскиот претседател Румен Радев изрази сочувство до претседателот Стево Пендаровски за тешката сообраќајна несреќа на автопатот Струма, во која автобус регистриран во Република Македонија доживеа сообраќајна несреќа при што загинаа 46 лица.
– Во име на бугарскиот народ и во свое име, претседателот Румен Радев изрази искрено сочувство до семејствата и роднините на загинатите граѓани на РС Македонија, како и надеж за брзо закрепнување на жртвите од катастрофата. Во ова тешко време, Бугарија и РС Македонија делат заедничка тага, солидарност и емпатија. Десетиците изгубени животи се непростлива загуба за нашите братски земји, наведува Румен Радев.
Шефот на бугарската држава ги повика одговорните институции да ги утврдат причините кои довеле до тешката сообраќајна несреќа, како и да им дадат навремена поддршка на преживеаните во несреќата.
Пендаровски изрази сочувство до семејствата на загинатите и повредените
Претседателот Стево Пендаровски изрази најдлабоко сочувство до семејствата на загинатите и повредените во сообраќајната несреќа што се случи ноќеска во Бугарија.
-Во овие тешки мигови, изразувам најдлабоко сочувство до семејствата и блиските на сите лица и наши сограѓани кои ги изгубија своите животи и беа повредени во стравичната сообраќајна несреќа која се случи на територијата на соседна Бугарија, напиша Пендаровски на својот фејсбук профил.
Тој очекува надлежните да спроведат целосна истрага, да се утврдат причините и одговорноста за трагедијата, која, како што наведува, не се памти во нашата понова историја.
-Во деновите на жалост што следуваат, посакувам мирен покој на душите на починатите и побрзо закрепнување на повредените, пишува Пендаровски.