ДУИ го објави името на новиот министер за информатичко општество и администрација со што се комплетира составот на новата влада која треба да биде избрана во Собранието. Нивниот предлог е Јетон Шаќири, професор на Меѓународниот универзитет во Струга, да раководи со ова Министерство.
Но, вчера ТВ Алсат објави дека виси кандидатот за шеф на дипломатијата, Бујар Османи и неофицијално се споменува рокада и негова замена со Артан Груби. Дел од влијателните структури во ДУИ не го прифаќаат Османи за втор мандат во министерска фотелја.
Рокот за поднесување на предлогот за избор на нова Влада истекува на 2 септември. Откако во петокот беше избран Талат Џафери за претседател на Собранието, сега се очекува во наредните денови да биде закажана и седницата за избор на новата влада.
Во новата влада, како што најави мандатарот Зоран Заев, наместо 26, како досега, ќе има 19 министри или седум помалку.
Предлозите за новите министри беа објавени во средата откако претходно беше официјализирана коалицијата меѓу СДСМ и ДУИ.
Од редовите на СДСМ во состав на новата влада влегуваат Оливер Спасовски кој ќе раководи со Министерството за внатрешни работи, Радмила Шекеринска која ќе продолжи да го води Министерството за одбрана, а предлогот за нов министер за правда е Бојан Маричиќ.
Благој Бочварски ќе раководи со Министерство за транспорт и врски, Јагода Шахпаска со ресорот за труд и социјална политика, а Ирена Стефовска ќе биде нов министер за култура. Венко Филипче останува министер за здравство, додека вицепремиерката Мила Царовска ќе раководи со Министерство за образование и наука. Досегашниот шеф на дипломатијата Никола Димитров ќе биде вицепремиер задолжен за европски прашања. Фатмир Битиќи ќе биде вицепремиер за економски прашања, а Љупчо Николовски вицепремиер за борба против корупцијата.
ДУИ ќе раководи со Министерството за финансии, Министерството за надворешни работи, Министерството за економија и Министерството за животна средина. Ќе има и вицепремиер и министер за политички систем. Предлогот на ДУИ е Артан Груби да биде вицепремиер и министер за политички систем, Фатмир Бесими министер за финансии, Бујар Османи за надворешни работи, Крешник Бектеши министер за економија и Насер Нуредини за животната средина.
Предлозите за нови министри во средата беа одобрени од највисоките тела на двете партии.
Мандатарот Заев од владиниот тим очекува работа, чесност и одговорност.
– Би почитувал работа и повеќе од осум часа. Очекувам комплетна фокусираност зашто не чека неповторлив период. Втората работа е чесноста и одговоронста, изјави Заев во средата по седницата на Централниот одбор на партијата. Најави и одговорност за секој оној кој ќе се огреши пред законот без разлика дали е министер или не. Очекувам од кадрите да преземат одговорност секогаш. Тоа е пораката, рече Заев.