Русија треба да биде свесна дека нема алтернатива за Република Македонија освен полноправно членство во Европската унија и НАТО. Македонската Влада не само што сака да ја потврди соработската со Руската Федерација, туку сака и да ја унапреди.
Ова го порача денеска премиерот Зоран Заев на заедничката прес-конференција со еврокомесарот за проширување Јоханес Хан, одговарајќи на новинарско прашање во врска со вчерашната реакција на Руската амбасада на неговата изјава за финансирање на протестите во Македонија од страна на некои бизнисмени од Русија.
– Јас само коментирам факти и изјави што допреле до мене од извештаите кои ги знам, со конечна цел да се прекине пријателството кое го градиме. Притоа знаат сите, треба да знае и Руската Федерација дека нема алтернатива за Република Македонија освен полноправното членство во ЕУ и НАТО. Ние остануваме да блескаме во аспектот на градење на пријателството со сите. Ние сме мала земја со пријатели, без непријателства секако имаме поголеми шанси за нашите перспективи. Тоа го докажавме со соседите, тоа го правиме насекаде во ЕУ со земјите членки во НАТО, сакаме да го правиме и со сите земји во светот, нагласи премиерот.
Истакна дека од тој аспект денешното означување на процесот на скринингот е мошне важен историски момент.
– Почнуваме скрининг процес, формираме преговарачки групи. Од 2005 година го чекаме ова, порача Заев и изрази благодарност до Хан и неговиот тим што присустувале на владината седница, посветена на скринингот.
Нагласи дека треба да останеме посветени на овој момент, кој треба да биде дополнителна мотивација на сите во општеството да чекорат по патот на исполнување на условите на патот кон ЕУ.