Премиерот Зоран Заев денеска прашан за филмот „Ругање со Христос“ изјави дека побарал од министерот за култура и директорот на Агенцијата за филм да ги спречат ваквите активности во кои се промовира говор на омраза.
– Не можеме да го вратиме времето назад, но му дадов задача на министерот за култура да разговара со директорот на Агенцијата за филм да ги спречат и да најдат законски начин за сите активности на промоција на вакви дела, истакна Заев, одговарајќи на новинарско прашање во Владата.
Тој додаде дека она што е финансирано од Агенцијата за филм во 2015 година е апсолутно со политичка заднина и ги осуди сите пораки што шират говор на омраза.
Вчера, и министерот за култура Арбр Адеми на прес-конференција го осуди говорот на омраза што го поттикнува филмот и истакна дека филмот нема никаква врска со актуелниот состав на министерството.
– По објавување на трејлерот на филмот во кој војниците на ОНА се претставени како насилници-силувачи, Министерството за култура објаснува за јавноста дека овој филм нема никаква врска со министерството и актуелниот состав на министерството, туку е поддржан од Агенцијата за филм на Република Македонија во 2015 година, истакна вчера Адеми на прес-конференцијата.