Земјиштето нема да го носи никој ниту во Австралија, ниту во Америка, ниту во Европа, тоа е тука, изјави денеска премиерот Зоран Заев, одговарајќи на новинарско прашање за продажбата на државните ниви.
Цената ја утврдува Владата, а не може да биде пониска од 0,30 евра за метар квадратен ниту повисока од 1 евро за метар квадратен, стои во првичната верзија на Законот за продажба на земјоделско земјиште.
– Лесно е да блокирате. Главен предуслов за развој на оваа стопанска гранка е сопственоста на земјоделското земјиште, ако сакаме да бидеме рамо до рамо со регионот и со светот. Не постои инвеститор, не постои никаква можност за дополнителен развој без сопственост над земјиштето. Земјиштето нема да го носи никој ниту во Австралија, ниту во Америка, ниту во Европа. Тоа е тука. Нека има дебата, но дефинитивно имаме силни аргументи. Ако сакаме да растеме во бруто земјоделското производство, неопходно е земјоделското земјиште да биде дадено во сопственост на инвеститорите, рече Заев кој денеска беше во Велешко.