Законот ми дал право да ангажирам советници и согласно трошоците што ги создава според самиот ангажман, нормално се определува и надоместокот, што исто така законот ми го дал како рамка. Немам намера да бидам истражен орган зошто некој има сметка дома или надвор од земјата.

Така одговори премиерот Зоран Заев на обвинувањата од пратеникот Антонијо Милошоски искажани од говорницата на денешната собраниска седница на која се поставуваат пратенички прашања во врска со советникот на премиерот Љупчо Зафировски за односи со Франција.

Пратеникот Милошоски рече дека советникот Зафировски не живее во Париз, има постојано живеалиште во Скопје и не ја прима платата во Скопје.

– Премиерот и советникот избегнуваат плаќање на данок, ја прима платата во Србија на трансакциска сметка што ја отворил таму затоа што во Македонија сака да избегне обврски. Со тоа прават кривично дело „измама“. Моето прашање е дали премиерот Заев знаел дека специјалниот советник за Макрон не живее во Париз и дека живее во Скопје и не ја прима платата од 1.200 евра во Скопје, туку ја прима во Србија, рече Милошоски.

Додаде дека за тоа има покренато иницијатива и Антикорупциската комисија. 

– Кога се ангажира советникот тој ја донесува својата сметка и на таа сметка се плаќаат парите. Немам намера да бидам истражен орган зошто некој има сметка дома или надвор. Тој човек дел од своето време го поминува во Франција, нормално е дека е наш граѓанин, се вика Љупчо Зафировски и има свое живеалиште тука, рече меѓу другото Заев.

Информира дека на дел од советниците им завршуваат ангажманите, тие се хонорарно ангажирани, не се вработени, имаат авторски договор односно договор на дело за што, истакна Заев, плаќаме персонале данок при исплатата на самите трансакции за неговите примања и имаат ограничен лимитиран временски период за  ангажман.

– Целосно законот ми го дава тоа право и незнам зошто треба да се прави ваква драматургија. Некојпат не мора да биде универзитетски професор или експерт, човекот е  франкофон, зборува француски има свои конекции, кои, сум  верувал дека во моментот на ангажманот може да бидат од помош заради тоа што амбиентот што го создавам околу мене како премиер, а тоа ми влијае на носењето на одлуки, мојата перцепција е дека такви луѓе кои допираат до луѓе околу раководството на Франција, како наш стратешки партнер и пријател, ќе има можност директно да доставуваат информации плус кои се од наша полза и да креираат позитивна атмосфера при процесот на одлучување за наштие интегративни процеси, но и унапредување на економската соработка меѓу нашите две земји, појаснуваше премиерот Заев.