Воислав ЗАФИРОВСКИ

Додека кај нас Владата се обидува да ја убеди јавноста дека приоритетот за 2021 година –  легализација на марихуаната ќе не направи богати и среќни, дека во економијата годинава ќе сме направеле квантен скок; додека владата најавува енергична борба против лажните вести кои наводно се пласираат на сите медиуми од страна на критички настроената опозиција и јавност, некако без многу врева, таа иста влада упорно го бутка проектот за маргинализирање на предметот Историја во основните училишта, а преку министерот за одбрана на Бугарија, како што стојат работите и гласноговорник на македонската влада од странство, Красимир Каракачанов, полека, но сигурно дознаваме што стои во позадината на “тајната дипломатија” на ликовите од македонските крими серии сместени на Илинденска – со потпишување на Анекс на договорот или како проф. Десковски наведува – Протокол, ќе дојде до промена на македонската историја од пред Илинденскиот и Илинденскиот период со сите македонски револуционери и дејци од тој период, како и шминкање на историската улога на бугарските фашистички окупаторски власти за време на втората светска војна; откажување од македонското национално малцинство во Бугарија; прифаќање на бугарскиот “факт” дека македонскиот е кодифициран дијалект на бугарскиот јазик кој како таков постои од 1944 година и сето тоа по мерка на европска Бугарија!

Добро, дали има некој нормален во државниот врв што воопшто прифатил да разговара, па дури и да преговара на овие теми?!

Очигледно има такви ликови, на кои им е многу побитно по секоја цена да влезат во европското друштво, отколку да засукаат ракави и да ја европеизираат македонската држава, во која е се’ потешко да се живее.

Денес, како никогаш до сега, Македонија не била толку лажена, понижувана и обезличувана од домашните политички ликови и особено од меѓународниот фактор; станавме држава во која правото и правдата се достапни само и единствено за тие што имаат пари да си ги купат; држава во која корупцијата е вградена во партизираниот административниот систем; организираниот криминал е заштитен од тие што по Устав и законите се должни да се борат против него; здравствениот систем е на равниште со сиромашните Афрички држави; економијата е во рецесија, нема капитални инвестиции, а долгот на државата се ближи до 60% од БДП; образовниот систем се моделира по нарачка на Грција и Бугарија, така што стварно ќе се добие впечаток дека Македонија нема античко минато, бидејќи тоа според политичката историја на СДСМ припаѓа на Хелените, дека се што се случувало до 1944 година, повторно според истата политичка историја, припаѓа на Бугарите, на Србите, само ние Македонците, како пилиња од инкубатор, без мајка, без татко, без корен од минатото сме се испилиле во 1944 година. За нас од тогаш ќе започне историјата!

Дали луѓето во Владата се свесни дека дома таложат буриња полни со барут?!

Кој нормален може да се помири со една ваква состојба?! Тој или подобро кажано тие што (ќе) ја довеле Македонија во ваква состојба, треба да одговараат за велепредавство, бидејќи со тоа, државата е донесена во потчинета положба и и’ е нанесена непоправлива штета во историски контекст.

Тоа што го навредува македонскиот интелект, е не почитувањето на фактите за волјата на македонскиот народ. Почнувајќи од неуспешниот референдум за промена на името на државата “како услов за влез во НАТО и ЕУ”, преку ова што на сила и на брзина се натура нов образовен концепт во основното образование, по што логично ќе следи и нов концепт во средното, а потоа и во високото образование, се до обзнаените приоритети на владата, прилагодени на интересите на неколку фамилии кои имаат роднински или заеднички бизнис интереси.

Наместо Владата да се фокусира кон суштинските проблеми во државата; да спроведе коренити реформи во вкупниот општествено, економски и политички систем, наместо правото и правдата да ги направи подеднакво достапни за сите; наместо институциите да ги трансформира во професионален услужен сервис на граѓаните со јасни правила и административни принципи кои се клучна брана од корупцијата; наместо да се фокусира на заздравување на економијата преку екпанзивни економски политики и ефективна подршка на земјоделието, на малите и средни претпријатија; наместо реформи во здравствениот систем и разбивање на здравствената мафија…ние ќе слушаме лажни приспивни вести за домашни потреби, успаванки креирани од Владата, а пренесени од Тричковски, Бучковски, Малевски, Фрчковски, Јовановски, а вистината ќе ја дознаваме од странство, од гласноговорникот на владата од Илинденска, кој воедно е и министер за одбрана на соседна Бугарија, Красимир Каракачанов.

Толку срамно, толку навредливо, толку понижувачко за една Влада која се колне во својата транспарентност…но веќе е познато, се колнеа во многу лични нешта, за на крај се да излезе поинаку!

Затоа, препорака до Владата, фокусирајте се, отстранете го и не дозволувајте бурињата со барут да експлодираат дома, бидејќи тогаш ќе го уништат и тоа малку што се уште го нарекуваме македонска држава.