Воислав ЗАФИРОВСКИ
И тоа се случи, блиските бизнис партнери, Мијалков и Камчев се во притвор.
Беше сосема очекувано Мијалков да заврши таму каде што е, но изненадувањето е неочекуваното апсење на Орце Камчев и нема да навлегувам во тоа дали требало, дали заслужил или не.
Но во име на правната држава ќе кажам дека многу чудни нешта се случуваат во нашата Македонија, а за тоа никој, ама баш никој не одговарал, барем до сега.
Најнапред Никола Груевски беше испратен да си замине во Будимпешта, човек кој имаше 24/7 часовно лично обезбедување и обезбедување на неговиот дом. Потоа следеше исчезнувањето на Сашо Мијалков, човек со полициско обезбедување, со оставена патна исправа во судот како гаранција дека ќе биде присутен во судските постапки што се водат против него. Сепак, по два дена притиснат од авторитети од Калето, како исчезна, така мистериозно и се појави “во Македонија” пред “случајно” присутната камера на ТВ 24 (многу аматерско сценарио и режија).
И наместо во судот кој го донел решението за притвор, Мијалков од само нему и на Заев познати причини, по решението оди во Обвинителството за организиран криминал?!
Тоа е исто како кога би се фотографирале за лична карта и наместо да појдете во управните служби да ја подигнете, вие да појдете во некоја полициска станица и таму да барате да ви ја донесат новата лична карта. Која фарса, која институционална пародија во која церемонијал мајстор е лично премиерот Зоран Заев.
Сега онака без најава се случи приведувањето, а потоа и притворањето на Орце Камчев. Тоа што збунува е официјалното соопштение за јавноста, дека притворот му е определен врз основа на службена белешка од АНБ во која се изразува сомнеж дека Камчев се подготвувал да избега?! Од кога тоа АНБ ги следи лицата за кои Обвинителството покренало истрага?!
Не ми е намерата да бранам кого било, а најмалку Камчев, напротив, целта ми е да укажам на бесмисленоста на двојност во надлежностите на АНБ со оние на полицијата кои јасно се уредени со Законот за полиција, со Законот за внатрешни работи и Законот за кривичната постапка, а на што уште во 2004 година предупредуваа од ЕК. АНБ не е полиција, уште помалку полиција над полицијата, таа не е над Уставот и законите. Полицијата има свои етаблирани капацитети за следење на активностите на лицата кои се во некаква постапка и секогаш таа ги врши “валканите” работи за потребите на АНБ.
Не почитувањето на Уставот и законите од страна на полицијата и особено на разузнавачките служби, чии припадници, со чесни исклучоци, од секогаш ја мистифицирале својата работа и многу често се поставувале над законот, кршејќи ги професионалните принципи на работа, особено принципот на законитост и сега доаѓаат до израз.
Законите дозволуваат примена и на скриени (тајни) методи на работа, преку примена на специјалните истражни мерки, но и тие се пропишани со закон, пропишана е процедурата за тоа кој, како и за што одобрува примена на такви мерки, што во принцип треба да ги заштити граѓаните од полициска злоупотреба на службата и да им даде правна сигурност.
Меѓутоа, мистификацијата на службата и честото поставување над законот на дел од нејзините припадници, е надополнето и со отсуството на ефективна и ефикасна контрола врз нивната работа.
Сведоци сме дека ниту еден Собраниски состав до сега не успеа да оствари ефикасна и ефективна контрола врз работата на УБК, што е случај и сега со АНБ, и со ОТА.
Едноставно, членовите на Собраниската комисија се доведени во позиција бланко да веруваат во извештаите кои им ги даваат овие служби, без можност да направат ефикасен, стручен увид во нивната работа.
Кога велам ефикасен и стручен увид, пред се мислам на можноста да се изврши експертска контрола од страна на информатички и правни експерти, да се провери дали системите што се користат за следење пред се на електронските комуникации не се злоупотребуваат и за други цели.
Исто така, сведоци сме дека многу често партиските прес конференции и соопштенија содржат бројни, добро камуфлирани информации кои може да се добијат исклучиво со користење на посебните (тајните) истражни мерки, за кои Јавното обвинителство никогаш не издало наредба за нивно користење или ако издало, тие информации по ниту еден основ не смеело да излезат од таму.
Тогаш следи прашањето од каде излегуваат ваквите информации и како партиските елити доаѓаат до нив?!
Дали партизираните служби по добиена задача од партиските штабови следат и пресретнуваат нечии комуникации, или партиите располагаат со опрема за следење на комуникациите – не знам, но обата случаи се спротивни на Уставот и законите, а се користат за партиски потреби како алатка за дискредитирање на политичките противници, за уцени од каков било вид, за рекет и за што уште не.
Проблемот е или е во неконтролираните институции кои ја злоупотребуваат со народни пари скапо платената софистицирана техника за цели што се надвор од законот, или е во рамките на партиите за кои институциите се должни да знаат, не знаат или се прават дека не знаат.
Живееме во нов век, периодот до 1966 година и Брионскиот пленум се далеку зад нас, но одредени ликови, веројатно импресионирани од моќта на тогашната УДБА, и ден денес ги живеат нејзините најубави денови.