Префрлање на натпреварот од теренот на историските настани и идентитетските атрибути, на теренот на реформите и сегашноста ќе овозможи одржувањето на првата Меѓувладина конференција со Европската унија, оценуваат македонските власти и се надеваат дека тоа ќе се случи во декември и покрај тензиите изминатиот период на релација Софија-Скопје.
Нејзиното евентуално неодржување, сметаат тие, би означувало неуспех за сите – и за нас и за Бугарија и за германското претседателство со Унијата.
На проблемот со Бугарија интензивно се работи, велат властите во земјава, а пред се фокусот е ставен на интензивирање на комуникацијата со цел да се решат недоразбирањата, кои настанаа изминатиот период особено по бугарскиот појаснувачки меморандум до земјите-членки на ЕУ, со кој меѓу другото се негира македонскиот јазик и македонската нација, но се бара и внесување на спорот во преговарачката рамка.
Премиерот Зоран Заев кој на почетокот на ноември заминува за Софија во рамки на македонско-бугарското ко-претседавање со Берлинскиот процес 2020, каде ќе има средба со неговиот бугарски колега Бојко Борисов вчера истакна дека на проблемот со Бугарија интензивно се работи.
– Сакам да ја посетам Бугарија и не го кријам тоа што е моја желба, првата моја официјална посета од соседните земји да биде Република Бугарија заради пријателството, заради тоа што првиот мандат почна така и веруваам дека големи успеси на државата се прокнижија во целиот овој период и верувам дека тоа ќе се случи, истакна вчера Заев.
Премиерот рече дека кога ќе има излезни решенија со Бугарија веднаш ќе бидат соопштени.
А за министерот за надворешни работи Бујар Османи неодржување на првата меѓувладина конференција во декември е неуспех за сите, и за нас и за Бугарија и за германското претседателство, но и за сите учесници во Берлинскиот процес.
– Треба да прифатиме дека отсега ќе треба да бараме консензус со 27 земји-членки. Во сите 130 чекори може да се случи една земја членка да не даде потврда. Во однос на Бугарија, јас мислам дека постои простор и разбирање од двете страни за важноста на постојниот момент и со работата на комисиите и политиката да најдеме начин за напредок, изјави Османи вчера на прес-конференцијата во пресрет на македонско-бугарското ко-претседавање со Берлинскиот процес 2020 (БП-2020).
Во врска со преговарачката рамка истакна дека таа е уставот на преговарачкиот процес и тоа што ќе стои во неа ќе ја утврди структурата и тежината на преговорите.
-Ние како општество треба да се подготвиме дека на моменти треба интензивно да ги убедуваме 27 земји членки дека е потребен консензус за наредниот чекор. Во сите апроксимативно 130 чекори може да се случи една земја-членка да не даде пас за вториот чекор, истакна Османи, нагласувајќи дека и Бугарија ја сфаќа својата улога и тежината во овој процес.
Шефот на дипломатијата потенцира дека смета оти постои разбирање од двете страни за важноста на моментот и посочи дека преку интензивирање на комуникацијата и на политичко ниво и на таа во Мешовитата комисија ќе се изнајде начин за придвижување на процесот.
Во врска со тврдењата на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски дека на средбата со Захариева му бил предложен нов договор, Османи потенцира дека не постои никаква конспирација во целиот процес и дека основната порака на Бугарија била содржана во изјавата на бугарскиот премиер Бојко Борисов, а тоа е дека не сака Бугарија да дојде во ситуација да ја блокира европската перспектива на земјава.
На сите состаноци, додаде тој, се разменети различен сет на идеи, предлози, но напомена дека основата порака на Бугарија е таа и врз основа на неа ќе се обидат да ја интензивираат комуникацијата за да не останат никакви недоречености меѓу двете страни.
Ја повика опозоцијата кај нас да не ги користи овие прашања за дневно-политичка битка за поени, бидејќи како што рече, сето ова не ја засега само Владата, туку и опозиција.
А неговата бугарска колешка Екатерина Захариева вчера беше на средба со албанскиот министер за Европа и за надворешни работи, Гент Цакај, на која истакна дека Бугарија е против разделувањето на Албанија и на Македонија при започнувањето на преговорите за членство на двете земји во ЕУ.
Според Захариева „бугарското малцинство е уште една можност што Бугарија треба да ја искористи за да и помага на Албанија“.
– Бугарија е подготвена да го поддржи со наставници и учебници изучувањето на бугарскиот јазик од нашето малцинство во Албанија, изјави Захариева.
Македонскиот државен врв во континутет потенцира дека јазикот и националната припадност, односно идентитетските прашања се нешто што не смее да се оспорува во 21. век, но сепак бугарската страна не попушта пред нејзините тези за потеклото на јазикот во соседната земја, но и за потеклото на нацијата, за која во појаснувачкиот меморандум меѓу другото се вели дека е Титова творба.
Премиерот Зоран Заев минатата недела излезе со изјава дека македонскиот народ можеби треба да се подготви дека во декември нема да се одржи првата Меѓувладина конференција со Европската Унија, поради неевропските барања, кои Бугарија ги поставува до нас.