Вицепремиерот и министер за надворешни работи на Бугарија Екатерина Захариева испрати честитки до новоименуваниот вицепремиер за европски прашања на Македонија Никола Димитров и до новиот министер за надворешни работи Бујар Османи, соопшти бугарското МНР.
Захариева во честитките истакнува дека Бугарија и натаму ќе ја поддржува интеграцијата на Македонија во ЕУ и очекува да продолжи билатералната соработка и исполнувањето на договорите меѓу двете земји.
– Верувам дека историската одлука за започнување преговори за пристапување во ЕУ, за која Бугарија вложи многу енергични напори, дава неповторлива можност на РС Македонија да ја покаже својата посветеност кон европските вредности и принципи. Напредокот на вашата земја на патот кон членството во ЕУ ќе зависи од индивидуалните напори за исполнување на одредени критериуми и обврски за зајакнување на пријателството со соседните земји и спроведувањето на билатералните договори за добрососедство, вели Захариева во писмото до Димитров.
Захариева очекува наскоро да продолжи работата на заедничката мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања, како што наведува „со конструктивен став од страна на членовите на Македонија и јасна посветеност да се постигне договор за прашањата за кои се разговара“.
Во писмото, пак, до новиот шеф на македонската дипломатија Бујар Османи, Захариева нагласува дека со Договорот за пријателство, добрососедство и соработка потпишан на 1 август 2017 година, Софија и Скопје покажаа зрелост и „јасно ја искажаа својата волја за развој на односите, врз основа на заедничката историја, културната и јазичната традиција и зајакнувањето на добрососедските односи во духот на европските вредности“.
-Ја користам оваа прилика да се потсетам и да ја потврдам постојаната поддршка на Република Бугарија за пристапување на РС Македонија во НАТО и нејзината интеграција во ЕУ. Верувам дека и тогаш и сега сме водени од желбата да обезбедиме подобра иднина за граѓаните и да ги подигнеме односите меѓу двете земји на ниво како што треба да бидат односите меѓу нашите најблиски соседи и пријатели, пишува Захариева во честитката до Османи.
Бугарската вицепремиерка и министерка за надворешни работи очекува новата влада во Скопје „да покаже одговорност и посветеност кон целите поставени во 2017 година“.
– Убедена сум дека над изборните резултати и различните политички амбиции и ставови, е нашата желба граѓаните на Република Бугарија и РС Македонија да можат да ги почувствуваат придобивките од спроведувањето на договорите постигнати пред три години во име на нашата заедничка европска иднина, наведува Екатерина Захариева во четитките до Никола Димитров и Бујар Османи.