Започнувањето на преговорите за членство во ЕУ на РС Македонија и на Албанија не треба да се одложува поради францускиот предлог за нова методологија за преговорите за присоединување. Тие процеси можат да се одвиваат паралелно, изјави бугарската вицепремиерка и министерка за надворешни работи Екатерина Захариева за време на конференција во Софија посветена на Западен Балкан.

– Дел од реформите, предложени од Франција, се прифатливи за Бугарија, но тоа не значи дека давањето зелено светло за почеток на преговори со С. Македонија и Албанија треба да се одложи до усвојување на новата методологија. Двата процеса можат да продолжат истовремено, истакна Захариева.

Таа изрази надеж дека во следните шест месеци Скопје и Тирана ќе добијат зелено светло за почеток на преговори со ЕУ.

– Понекогаш сум еден од најгласните министри за надворешни работи дека ЕУ не може да донесе одлука. За тоа не е виновна само Унијата. Голема одговорност имаат и земјите кандидатки, додаде шефицата на бугарската дипломатија.

Захариева се осврна и на постигнатиот напредок во процесот на евроинтеграциите на шесте земји од Западен Балкан, потенцирајќи дека „работите на Балканот никогаш не се црни или бели“.

Според Захариева од една страна, на пример, постои договор за пријателство и добрососедство со Македонија, но од друга страна, тој не се исполнува со доволно добро темпо, особено во делот за историјата. Исто така, има отворени многу преговарачки поглавја со Црна Гора, но постои и блокиран дијалог меѓу Белград и Приштина. Потребна е една година да биде формирана влада во БиХ, а истовремено има напредок во евроатлантските интеграции со усвојување план за акција и соработка со НАТО, нагласува бугарската министерка.