Марија Захарова, портпаролката на руското министерство за надворешни работи, на Телеграм одговори на коментарите на украинскиот претседател Володимир Зеленски за успорување на западните санкции против Русија.

Таа го цитира Зеленски кој вчера се пожали дека „темпото на европските санкции против Русија успорува, а Русија сè побрзо се прилагодува на рестрикциите“. Потоа додава: „Западна Европа паѓа во рецесија и одамна ја изгуби навиката за преживување. Европа тоне, а Украина ја влече кон дното“.

Блумберг вчера објави дека еврозоната би можела да избегне рецесија по неочекуваниот раст на БДП на крајот на 2022 година, и покрај двоцифрената инфлација и руската инвазија на Украина. Еуростат објави дека во последното тромесечје од минатата година бруто домашниот производ пораснал за 0,1 отсто, иако економистите проценувале пад од 0,1 отсто.