Руското Министерство за надворешни работи соопшти дека снимките од загинатите цивили во Буча биле „нарачани“ од САД како дел од заговорот да се обвини Русија, јавува Скај Њуз.
– Кои се господарите на провокациите? Се разбира, САД и НАТО, изјави портпаролката на Министерството Марија Захарова во интервју за државната телевизија доцна синоќа.
Таа вели дека моменталното врескање на Западот поради сликите на загинатите цивили укажува на тоа дека приказната била дел од планот за нанесување штета на угледот на Русија.
– Во овој случај, ми се чини дека фактот што овие изјави (за Русија) беа дадени во првите минути по појавувањето на овие материјали не остава сомнеж за тоа кој ја „нарачал“ оваа приказна“, оцени Захарова.
Руското МНР вчера, исто така соопшти дека снимките и видеата кои укажуваат на воени злосторства се „провокација“ и оти ниту еден жител на Буча не настрадал од насилство извршено од руски војник.
Руското Министерство за одбрана денеска соопшти дека нивните сили не убиле цивили во Буча, град во близина на Киев, кој украинските сили го ослободија деновиве.
„Додека градот беше под контрола на руските вооружени сили, ниту еден од неговите жители не беше изложен на насилство“, се вели во соопштението на Министерството.
Министерството наведува дека сите жители „можеле слободно да заминат на север“, додека јужните предградија на градот „биле цел на деноноќен оган на украинските војници“.
Во соопштението се наведува и дека сите руски воени единици се повлекле од Буча на 30 март, ден откако Русија објави дека значително ќе ги намали операциите во северна Украина.
Од вчера, пак, западните медиуми, и тие што ги пренесуваат како извори за информации од војната во Украина, масовно објавуваат за „руско воено злосторство“, „геноцид во Украина“ и слично. Во осудите се вклучија повеќе држави, лидери на држави и се најавени уште поостри санкции кон Русија. А синоќа Албанија најави и тужба против Русија за „воени злосторства во Украина“ до Советот за безбедност на Обединетите нации.