Русија почна да повлекува некои вработени во своите дипломатски мисии во Украина, поради страв од провокации од украинските власти или од трети земји, изјави денеска портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова.

-Со оглед на значителното влијание што Вашингтон и Лондон го имаат врз Киев… заклучуваме дека нашите американски и британски колеги очигледно се свесни дека во Украина се подготвуваат одредени дејствија што би можеле значително да ја комплицираат безбедносната ситуација, рече Захарова.

Многу западни амбасади презедоа слични мерки, а некои земји, вклучувајќи ги САД, Канада и Австралија, ги повикаа своите граѓани да ја напуштат Украина што е можно поскоро.

САД вчера предупредија дека во следните неколку дена е можна руска инвазија врз Украина, а „Политико“ пренесе дека американскиотр претседател Џо Бајден, сношти, на виртуелната средба со своите западни колеги. дури и прогнозирал дека тоа ќе се случи на 16 февруари.

Москва таквите наводи ги нарекува „хистерија“, додека Киев повикива на „смиреност“.