Ултиматум и закани за поглаварот на ИВЗ. Реисот Сулејман Реџепи доби часовник кој го одбројува рокот од 72 часа да си замине од Исламската верска заедница. Во спротивно, како што се закани денеска Скендер Бузаку кој цели на местото на Сулејман Реџепи, ќе бидат објавени сериозни докази за тешки кривични дела кои ги направил Реџепи.

-Ослободи ја ИВЗ за 72 часа. Седумдесет и два часа му даваме. Ако не се повлече од ИВЗ што ја узурпирал, ако не, тогаш ние имаме страшни докази, страшни факти од кои ќе се чуди Македонија, изјави Бузаку.

Во моментот кога Бузаку му даде ултиматум на Реџепи, пред ИВЗ беше забележливо зголемено присуство на полицијата. Но, како одминуваше денот, ситуацијата полека се смири, полицијата си замина, а го снема и часовникот оставен од Бузаку.

Откако на поглаварот Сулејман Реџепи му беше даден рок од 72 часа да ја напушти Исламската верска заедница, Алфа побара став и од ИВЗ, но таму немаше никој од раководството.

Инаку, превирањата во ИВЗ траат од април, кога со судска одлука беше разрешен Реџепи, а Бузаку се прогласи за нов поглавар. Но, Ријасетот застана зад Реџепи и порачаа дека тие се единствено тело кое го назначува поглаварот на ИВЗ и дека одлуката за смена на Реисот била скандалозна, зад која стои политика. Реџепи кој денеска доби рок да си замине, на позицијата поглавар на Исламската верска заедница е од 2011 година.

ТВ АЛФА