Поранешниот министер Митко Чавков, оперскиот пејач Игор Дурловски и собранискиот службеник Душко Лазаров, како и од порано што објавија Игор Југ и Јане Ченто, се петтемина обвинети за настаните во собранието од 27 април лани кои не поднеле барања за амнестија.
Од одбраната на Чавков и Лазаров велат дека тие веќе се произнеле како невини и тоа ќе го докажат пред Судот.
До крајниот рок кој истече синоќа на полноќ, во судот беа доставени вкупно 64 барања. Од нив само едно беше изненадување- амнестија заедно со обвинетите побарал и адвокатот Еленко Миланов.
Поради ова судијата Добрила Кацарска на денешното рошиште за овој случај го праша дали и тој е обвинет, на што Миланов одговори дека решил да ја искористи можноста за амнестија која за настаните од 27 април им отворена на сите граѓани.
Судското рочиште за настаните од 27 април, денеска продолжи со последното изведување на дополнителни докази за дел од обвинетите, а на следното, кое е закажано за 9 јануари ќе се продолжи со давање на завршни зборови.
Дотогаш ќе биде познато кој ќе биде опфатен со амнестија, а засега е непознато дали одлуката ќе ја носи судечкиот совет предводен од Кацарска или Кривичниот совет на Скопје 1.