Заврши рокот до кој лицата засегнати со настаните во Собранието од 27 април минатата година можеа да достават барање за амнестија, согласно Законот за амнестија.

Околу 70 лица се инволвирани во случувањата од 27 април, а вкупно 33 се обвинети во судскиот процес за 27 април, од кои 31 лице за терористичко загрозување на уставниот поредок на државата и двајца за поттикнување.

Во скопскиот Кривичен суд вчера до 15 часот пристигнале вкупно 62 барања, од кои 27 во Одделението за организиран криминал и корупција и 35 во Одделот кривично полнолетни. Рокот беше до полноќ, а траеше пет дена откако Законот беше објавен во Службен весник.

Од Кривичен вчера соопштија дека ќе бидат земени предвид и барањата кои во законски утврдениот рок ќе бидат дополнително доставени до Судот по пошта

Јане Ченто и Игор Југ, кои се меѓу 33-та обвинети за настаните од 27 април, на последното рочиште веќе се изјаснија дека нема да бараат милост, туку правда.

Барање за амнестија може да поднесат и веќе осудените за обид за убиство на пратеникот Зијадин Села, како и за нападот на министерката Радмила Шеќеринска. Адвокатите на Панче Ангелов, кој е осуден на четири години затвор за делото „насилство“, врз Шекеринска при упадот во Собранието на 27 април и на Никола Војминовски осуден на 13 и пол години затвор за обид за убиство врз Зијадин Села, потврдија дека поднеле барање за амнестија.

По истекот на рокот за поднесување на барањата, Судот и Обвинителството ќе имаат рок од пет дена да одговорат кој ќе биде помилуван, а кој не.

Македонското Собрание, го донесе Законот на 18-ти овој месец по скратена постапка со 95 гласа „за“, без „против“ и „воздржани“.

Согласно Законот, амнестијата нема да ги опфати организаторите, лицата кои извршиле физичко насилство, кои носеле оружје, како и службените лица кои ги пречекориле службените овластувања.