Николовски: 2018-та е најлошата за Македонија

/ 26.12.2018

Оваа 2018 година дефинитивно е најлошата за Република Македонија, рече потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски во синоќешното гостување во ТВ Алфа.

– Годинава се случи најголемата битка за државата. СДСМ тргна и, за жал, во финална фаза е за реализација на преименување на државата. Флоскула е секогаш опозицијата да вели дека што прави власта е негативно. Но навистина мислам ако во еден збор треба да се опише каква беше 2018-та година дефинитивно е најлоша година во постоењето на Република Македонија, појасни Николоски.

Тој образложи дека власта нема што да понуди, нема реална алтернатива, нема реални проекти.

– Имаме премиер кој што не сме го виделе да слезе меѓу народот, а еве веќе две години е премиер. Не сме го виделе да се сретне со земјоделци, со сточари, со студенти, со пензионери, со вработени, со невработени. Да отиде во Кочани, да оди во Прилеп, да оди во Штип, да оди во Охрид, да оди во Гостивар… за да разговара со луѓето и да ги види нивните проблеми. Но, и дел од тие проблеми да реши. Единствено за што ги бидува е за сплетки и сплеткарења. Но, ако на почетокот можеа да поминат, сега апсолутно не поминуваат. Затоа што фактите се целосно различни од тоа што го зборуваат, нагласи Николоски.


Од истата категорија