Достоинствена професија, подобри услови и повисоки плати, порачаат медицинските сестри од примарната здравствена заштита на денешниот прв Симпозиум што го одржаа во прилепскиот хотел „Салида“. Задоволни се што формираа посебно друштво во рамки на здруженијата за да се решаваат поефикасно проблемите.

Според Горданка Бешлиовска, претседателка на здружението на медицински сестри акушерки, стоматолошки сестри, кое ја предводи Унијата на сите медицински сестри, вели дека асоцијацијата мора да добие свој сектор во Министерството за здравство од каде, од терен, ќе ги централизира сите проблеми и ќе работи на кариерниот развој на медицинските сестри.

Нагласија дека мора да се најдат решенија, посебно за одливот на медицинскиот кадар. Според податоците, недостасуваат околу 8. 000, а потребите во здравството се задоволени само 50 отсто.

Ние мора, во моментов да имаме здрава работна околина. Инаку, миграцијата која, всушност, е подобна за цела Европа која е без граници, ќе ни ги однесе медицинските сестри во Европа, а ние не можеме да ја запреме миграцијата. Единствениот начин на кој можеме да ја запреме е да ги подобриме условите за работа, кои се на прво место, да ги зголемеме задоволствата на медицинските сестри и да ги зголемиме личните доходи. Задоволствата и личните доходи треба да дојдат преку нивниот кариерен развој и признавањето на нивната професија. Медицинските сестри во болниците не може да бидат помошен персонал. Тие имаат автономна професија кои ја бранат со вакви стручни и професионални настани, изјави Бешлиовска.

Сметаат дека мора да има децентрализација на услугите во примарната здравствена заштита.

Реформите во приватната здравствена заштита почнаа минатата година со менувањето на режимот на препишување на терапиите на хронично болните пациенти. Здравствените работници во примарното здравство, тоа ги вклучува лекарите и медицинските сестри, имаат компетенции кои ќе бидат надградени за да може да даваат уште повеќе дијагностички услуги, како што се еходијагностика, спирометрија на ниво на примарна здравствена заштита за да се овозможи пациентите тие услуги да ги добијат најблиску до нивното место на живеење, рече Злате Мехмедовиќ, координатор на реформите во примарната здравствена заштита.