Францускиот министер за надворешни работи Жан-Ив ле Дријан отфрли какво било натамошно одложување на излегувањето на Велика Британија од ЕУ, кое во моментов е закажано за 31 октомври.
– Во сегашните околности … не! Нема да поминуваме низ истата работа на секои три месеци, изјави францускиот дипломат во интервју за француска телевизија.
– Британците велат дека сакаат да предложат нови решенија, алтернативни договори за да можат да заминат, рече тој, потсетувајќи на напорите на британскиот премиер Борис Џонсон да најдат начин за излез од заштитната клаузула за ирската граница, што е „јаболко на раздорот“ меѓу Лондон и Брисел.
– Но, не видовме конкретни предлози, така што – не. Британските власти нека ни го покажат патот напред. Дозволете им да ја преземат одговорноста за оваа ситуација, потенцира Ле Дријан.
Првично, Велика Британија требаше да ја напушти ЕУ на 29 март, но потоа преговараше за одложување на Брегзит за 31 октомври.