Кина го задржува независниот став за украинската криза, изјави денеска портпаролот на кинеското Министерство за надворешни работи Жао Лиџијан.

– Што се однесува до Украина, Кина се придржува до независна мирољубива надворешна политика и носи сопствени одлуки врз основа на факти, рече портпаролот.

Во пресрет на виртуелниот самит со Кина, шефицата на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен рече дека каква било поддршка од Пекинг за Русија за нападот врз Украина сериозно ќе го наруши угледот на Кина во Европа.

Лидерите на Европската унија и Кина самитот ќе го одржат денеска преку видео врска, а главна тема ќе биде ситуацијата во Украина.

Во име на ЕУ, на самитот ќе присуствуваат претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел и претседателката на ЕК Урсула фон дер Лајен.

Од кинеска страна ќе присуствуваат претседателот Си Џинпинг и премиерот Ли Кечијанг.