Меѓународен институт за блискоисточни и балкански студии – IFIMES
Во Тирана на 6 декември се одржа Самитот на Европската Унија (ЕУ) и земјите од Западен Балкан, на кој се разговараше за заедничко решавање на последиците од руската инвазија на Украина, за интензивирање на политичкиот дијалог и политиката на проширување, и зајакнувањето на безбедноста и градењето отпор кон странското мешање, решавањето на предизвиците што ги носи миграцијата, борбата против тероризмот и организираниот криминал.
Самитот уследи два месеци по неформалниот самит на земјите од Европската политичка заедница во Прага, на кој учествуваа сите европски земји освен Русија и Белорусија.
На крајот од Самитот на ЕУ – Западен Балкан, беше усвоена декларација, со која се предупредува дека ескалацијата на агресивната војна на Русија против Украина го загрозува европскиот и глобалниот мир и безбедност и ја нагласува важноста на стратешкото партнерство меѓу ЕУ и регионот на Западен Балкан, потврдувајќи ја неговата целосна и недвосмислена посветеност на перспективата за членство на Западен Балкан во ЕУ. Се бара усогласување со Заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ (ЗНБП) и дејствување во согласност со неа, вклучително и во однос на рестриктивните мерки на ЕУ. Оние партнери од Западен Балкан кои веќе ја покажуваат својата стратешка определба во овој поглед со целосно усогласување со заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ се пофалени, а оние кои не го сториле тоа се охрабруваат да го следат примерот.
Самитот прв пат се одржува во регионот на Западен Балкан. Сепак, најголемиот настан во регионот беше во октомври 2021 година во Белград, кога се одржа Самитот на неврзаните по повод 60-годишнината од основањето на тоа движење, на кој учествуваа делегации од повеќе од 120 земји.
Занимавање со последиците наместо со причините за кризата
Руската инвазија на Украина ја предизвика најголемата безбедносна криза во Европа по Втората светска војна, а следствено и енергетска и прехранбена криза. На самитот во Тирана беше ветена помош од ЕУ за земјите од Западен Балкан во износ од една милијарда евра за надминување на последиците од енергетската криза. ЕУ не нуди решение за украинската криза, не се занимава со причините за украинската криза, туку со нејзините последици, кои ја засегаат не само ЕУ, туку и целиот свет. Во целиот свет дојде до нарушување и најголема криза на светскиот поредок кој беше воспоставен по Втората светска војна и кој веќе не соодветствува со сегашното време и односите во светот.
Војната во Украина предизвикува нарушувања во трговијата и инвестициите низ светот, погодувајќи ги производителите на автомобили во Европа, хотелиерите во туристичките центри, увозниците на храна и енергија. Иако сиромашните во светот, кои трошат голем дел од својот приход за задовлување на основните животни потреби, се најранливи, ниту една земја, регион или индустрија не остана недопрена од овие нарушувања. Војната и санкциите резултираа со прекин на клучните транспортни врски меѓу Русија и Украина со остатокот од светот, нарушувајќи ја светската трговија во поширока смисла. Руските транспортни врски со европските пристаништа се прекинати, а ограничен е и извозот на стоки до други дестинации.
Анализите покажуваат дека компаниите ќе ги преоценат геополитичките ризици и дека ќе има преместување на производството од земјите кои се сметаат за ризични, што донекаде ќе ги преобликува глобалните трговски синџири и светскиот бизнис воопшто. Тоа е и одлична развојна можност за земјите од Западен Балкан.
Руското влијание е преголема опасност за Западен Балкан
Руското влијание на Балканот станува преголема опасност за Западот, кој долго време го запоставува овој регион. Русија во моментов е преокупирана со агресија врз Украина. Рускиот претседател Владимир Путин се спасува себеси и својата империја. Западен Балкан е ставен на чекање. „Путинците“ во регионот чекаат сигнал за акција.
Евентуален конфликт на Западен Балкан повеќе не би бил локален, туку европски и би ја зафатил и ЕУ, бидејќи повеќе не постои монополарен свет (САД) како во 90-тите години на минатиот век, туку полицентричен и има актери кои се подготвени да ја „запалат“ Европа.
Аналитичарите сметаат дека Србија зазема посебно место во регионалните односи и европската перспектива, како највлијателна земја во регионот, бидејќи без европска Србија нема европски Балкан. Србија е на еден вид крстопат. Се поставува прашањето, дали ЕУ ја сака Србија во сојуз со Русија и Кина, кои ја вклучуваат Србија во нивните геополитички, воени и економски интереси надвор од ЕУ, или ЕУ сака да ѝ помогне на Србија да стане полноправна членка на ЕУ. Во овој случај, изборот е на ЕУ, која треба да ѝ помогне на Србија и да престане со постојаното условување на таа балканска земја. ЕУ е одговорна за фијаското на дијалогот меѓу официјален Белград и Приштина. Постојаните инциденти и блокади, кои главно ѝ се припишуваат на владата во Приштина, не се добра појдовна точка дека наскоро ќе биде потпишан сеопфатен правно обврзувачки договор за нормализација на односите, а тоа ја претставува реалната слика за состојбата на односите во ЕУ.
Американскиот амбасадор во Србија Кристофер Хил рече дека Србија е во специфични околности кога станува збор за воведување санкции против Русија, главно поради нејзината голема зависност од руските енергенти и дека тоа е прекомплексна слика за да може само да се каже „приклучи се на санкциите“.
Опасноста за БиХ доаѓа од земјите членки на ЕУ и НАТО – кандидатски статус
Ако ЕУ ѝ додели кандидатски статус на Босна и Херцеговина, таа и понатаму ќе продолжи да заостанува во процесот на европска интеграција во однос на другите земји од Западен Балкан: Србија, Црна Гора, С. Македонија и Албанија.
Кандидатскиот статус за ЕУ што се најавува е еден вид лицемерие. Турција веројатно никогаш нема да стане членка на ЕУ, а постои реална опасност истата судбина да ја снајде и Босна и Херцеговина. Денес имате членки на ЕУ кои не заслужуваат членство, а Босна и Херцеговина не е далеку зад нив. Второ, имате членки на ЕУ кои јавно и тајно ја поддржуваат и шуруваат со Русија, а потоа се прашуваме што треба да направи Босна и Херцеговина за да стане членка на ЕУ. Доколку постои политичка волја на ЕУ, БиХ може за рекордно кратко време да стане членка на ЕУ.
Аналитичарите сметаат дека клучните опасности и закани за Босна и Херцеговина доаѓаат од некои земји членки на ЕУ и НАТО. Затоа е од историско значење за стабилноста и мирот на Западен Балкан, но и во Европа и не само поради украинската криза да ѝ се даде кандидатски статус на Босна и Херцеговина, бидејќи на последниот самит на ЕУ тој статус им беше доделен на Украина и Молдавија од слични причини.
ЕУ воведува квазивизен режим за земјите од Западен Балкан
Украинската криза предизвика тектонски промени во светот. САД и ЕУ мора да знаат дека социјализмот е соборен токму поради атрактивните вредности кои се нудеа, демократијата, човековите права, слободата на говорот, граѓанските и економските слободи… Укинувањето на роамингот меѓу ЕУ и земјите од Западен Балкан е популистичка мерка на ЕУ. Сосема е јасно дека со појавата и користењето различни апликации (Вибер, Вац-ап, Телеграм и други) роамингот е бесмислен и затоа оваа мерка го навредува здравиот разум на жителите на Западен Балкан.
Од друга страна, ЕУ го воведува Европскиот систем за информации и овластување за патување (ETIAS) кон трети земји, од кој не се изземени државите од Западен Балкан. Оправдано е прашањето дали ЕУ навистина сака проширување на ЕУ или сака трајно да го зацементира процесот на проширување со воведувањето на ETIAS? Во исто време, ЕУ бара од земјите од Западен Балкан да воведат визи за граѓаните на трети земји. Ова е особено чувствително прашање за Србија, која има безвизен режим со многу земји. Со воведување визи за поголем број земји членки на Движењето на неврзаните, Србија би ги поништила позитивните ефекти од Самитот на неврзаните од октомври 2021 година, кој се одржа во Белград и кој претставува пресвртница во развојот и подобрувањето на односите со тие земји. Примената на регулативата ETIAS би значела воведување визи за земјите со кои Србија почнала да развива интензивна економска соработка, што би ѝ предизвикало огромна штета на Србија. Дополнително, ЕУ им додели нови домашни задачи на земјите од Западен Балкан во врска со илегалната миграција, борбата против тероризмот и организираниот криминал.
Системот ETIAS во пракса значи дека секој граѓанин на која било земја од Западен Балкан (освен Косово, за кое сè уште постои анахронизам во визниот режим) пред да влезе во ЕУ ќе мора да пополни посебна апликација и на тој начин да побара дозвола за влез во ЕУ. Тоа практично значи тивко воведување нов квазивизен режим, во споредба со сегашното слободно движење за сите граѓани на Западен Балкан (освен за веќе споменатото Косово). Во оваа смисла, кандидатскиот статус нема да значи ништо и граѓаните на земјите од Западен Балкан ќе бидат во иста позиција како и сите останати кои дошле во ЕУ од кој било дел на светот.
Крај на ерата на „додворување“ на Западот
Аналитичарите сметаат дека ЕУ мора да донесе стратешки одлуки за проширувањето и временската рамка на проширувањето. Недефинираната позиција на земјите од Западен Балкан ги оддалечува од ЕУ и дополнително произведува одредени фрустрации. Светскиот поредок каков што го знаевме повеќе не постои. Француско-германската оска во ЕУ не постои како што ја знаеме. Моќта се движи од запад кон исток. Повеќе не постои монополарен, туку полицентричен свет со сложени и испреплетени интереси. Светот е во големи геополитички превирања и потреси. ЕУ не смее да гледа на себе од позиција на евроцентризам, бидејќи ерата на „додворување“ на Западот заврши. Секоја земја ја води својата политика во согласност со нејзините интереси и на маса има различни понуди и решенија за својата иднина. ЕУ веќе не е единствената понуда и решение на менито на земјите од Западен Балкан. На потег е ЕУ.
(Меѓународниот институт за блискоисточни и балкански студии ИФИМЕС од Љубљана, Словенија, редовно ги анализира настаните на Блискиот Исток, на Балканот и низ целиот свет. ИФИМЕС подготви анализа на актуелната политичка ситуација на Западен Балкан по самитот ЕУ – Западен Балкан во Тирана на 6 декември 2022 година. Ги истакнуваме најважните и најинтересните делови.)