Амбасадорска тркалезна маса насловена „Пристапувањето на Западниот Балкан кон ЕУ: долга, (не)завршена приказна – Одржливост на македонскиот надворешнополитички курс,“ ќе се одржи денеска во Клубот на пратеници во Скопје, во организација на Советот на амбасадори.
Како што најавуваат организаторите, на тркалезната маса ќе се обратат претседателот Стево Пендаровски, вицепремиерот за евроинтеграции Бојан Маричиќ, министерот за надворешни работи Бујар Османи, претседателот на собраниската Комисија за надворешни работи Антонио Милошоски. На форумот ќе говорат и амбасадорот Дејвид Гир, шеф на ЕУ делегацијата во Скопје, амбасадорите на Италија, Словенија, Франција, Холандија, замениците шефови на мисии од амбасадите на Германија и САД, како и поранешните амбасадори Мухамед Халили, Александра Наќева-Ружин, Љупчо Арсовски,
Тихомир Илиевски и Ѓорѓи Филипов.
-Со оглед на актуелноста и значењето на темата за иднината на нашата земја и регионот, целта на настанот е размена на мислења во врска со пристапниот пат на земјата кон ЕУ, со што, Советот на амбасадори, дава свој придонес кон овозможување на поширока општествено-политичка дебата по однос на ова значајно прашање, истакнуават организаторите.
Амбасадорската тркалезна маса е годишен, препознатлив настан на Советот на амбасадори, организиран под покровителство на претседателот Стево Пендаровски. Настанот е поддржан од дипломатската заедница во земјата и веќе прераснува во традиција.