Труењето на рускиот опозиционер Алексеј Навални претставува закана за меѓународниот мир и безбедноста, се наведува во писмото од Велика Британија, Франција, Германија, Естонија и Белгија испратено до Советот за безбедност на Обединетите нации.

Во писмото испратено во средата, тие земји ја повикаа Русија итно, целосно и транспарентно да ги обелодени околностите на нападот и да го извести Советот за безбедност за тоа.

Рускиот амбасадор во ООН Василиј Небензија пред новинарите изјави дека руските власти сè уште чекаат Германија и Франција да одговорат на нивното барање за испраќање докази, за Москва да утврди дали е потребно да се поведе истрага.

На Навални му се слоши на 20 август на лет од Сибир кон Москва, а по лекувањето во болницата во Омск, беше префрлен на клиника во Берлин. Германски експерти тврдат дека во неговото тело има траги од нервниот агенс Новичок, кој е од советската ера. Навални ја обвини Русија за труењето, а Москва негира.