Шеесет и шестгодишниот пациент заразен со западнонилска треска, кој е хоспитализиран на Клиниката за инфективни болести во Скопје се уште е во тешка здравствена состојба со манифестација на централниот нервен систем, изјави за МИА директорката на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби, Милена Стевановиќ.
Ова е прв случај на западнонилска треска летово во државава, и е потврден лабораториски во Центарот за јавно здравје во Скопје.
Хоспитализираниот веќе една недела е на лекување на одделот за интензивна нега на Инфективната клиника, а болеста претходно му била дијагностицирана во Градската општа болница „8 Септемви“ во Скопје.
На Инфективната клиника сезонава досега не регистрирале други сомнителни случаи од заразата што е векторски пренослива преку комарци. Најчесто поминува како настинка, а кај мал процент се манифестира со потешка клиничка слика.
Стевановиќ вчера информираше дека нема простор за паника кај населението за кое остануваат главните препораки за заштита од комарци. Покрај прскањето против комарци од страна на надлежните институции, посочи таа, и епидемиолошките и останатите служби преземаат редовни и рутински активности за превенција и заштита.