Според Шапкарев, „самиот народ за многу болести составил соодветни успешни имиња, па нашите лекари ќе направат добро ако ги проучуваат народните медицински средства и народниот медицински јазик“. Впрочем, пишува Шапкарев, „бодеш, буица, врвеш, грлица, наход, полазица и други имиња се многу поизразити и подобри за употреба отколку туѓите плеврит, тифус, дијареа, дифтерит…“
Пишува: Блаже Миневски
Во публикацијата „По народната медицина и нејзината номенклатура во Македонија“, објавена во 1894 година во Софија како дел од десеттиот том на Зборникот на народни умотворби, Кузман Шапкарев презентирал 85 народни, македонски медицински термини кои дефинираат исто толку болести со кои се сооочувал народот во тоа време. Во воведот на својот труд, Шапкарев јасно истакнува дека „податоците за имињата, симптомите и лекувањето на сите болести не сум ги добил од слушање – по сказни, туку од свои непосредни набљудувања“.
Притоа „повеќето од тие болести сум имал несреќа да ги прележам лично или да ги почувствувам кај членовите од семејството или кај блиски роднини и пријатели“.
Според него, „самиот народ за многу болести составил соодветни успешни имиња, па нашите лекари ќе направат добро ако ги проучуваат народните медицински средства и народниот медицински јазик“. Впрочем, пишува Шапкарев, „бодеш, буица, врвеш, грлица, наход, полазица и други имиња се многу поизразити и подобри за употреба отколку туѓите плеврит, тифус, дијареа, дифтерит и други, па би требало да се употребуваат и во популарни состави по медицина“.
А Шапкарев навистина имал таква судбина самиот да се соочи со многу болести а дел од нив ги „почувствувал кај членови од семејството“. Самиот сведочи дека како дете од осум години отсуствувал од настава цели девет месеци поради заболување од вија (ревматизам), лекувајќи се дома под надзор на охридскиот лекар Атанас Превезан. Подоцна, на шеснаесетгодишна возраст го напушта школувањето поради колерата од која заболел неговиот татко, а дваесет години подоцна му умираат две малолетни деца. По извесно време умира и сопругата која боледувала од гушавост. Веднаш потоа му умира и третото дете. Осум години подоцна умира и неговата трета сопруга Наумка. Значи, фактички постојано бил опколен од разни болести кои потоа почнал да ги запишува заедно со лековите достапни во тоа време. Во своите бележници, освен името на болеста, Шапкарев ги запишувал и симптомите но и начинот на лекување.
„Бодеш – болест на белиот дроб и околу него!“
Според списокот од 85 болести што ги обработил Шапкарев, македонскиот народ мошне успешно ги имал дефинирано симптомите, а со нив и имињата на болестите со кои се соочувал во животот. Притоа, се разбира, многумина не знаеле што е плеврит или пневмониа, но знаеле што е бодеш или дупеш; не знаеле што е катаракта но знаеле што е наход, не знаеле што е цревен тифус или пегав тифус но знаеле што е буица или огница, не знаеле што е ревматизам но знаеле што е вија, итн.
Заедно со името на болеста Шапкарев ги опишувал и симптомите, а потоа и лековите што се користеле за лекување. Така за болеста бодеш (пневмониа) запишал дека станува збор за „болест на белиот дроб и околу него“, дека „болеста е смртоносна и дека кај човекот доаѓа поради силна настинка, кога ќе е испотен или заморен и многу загреан па ќе застане наспроти ветар или промаја, или пак ќе се напие студена вода“.
Во записот на Шапкарев се подвлекува дека „болеста во градовите се лекува, ако се препознае, се разбира, со помош на лекар, или без него, со силно потење. Болниот го ставаат во нагорено огниште, наредувајќи околу него загреани и со вода или оцет изгаснати тули, или го заградуваат со бакарни садови, ѓумови и друго, полни со врела вода или со топли, скоро извадени од фурна лебови; или пак го ставаат да легне во вруќ јачмен, го покриваат добро и го завиваат, а истовремено го појат со некои испотителни домашни лекови, како чај од бозел, камилица, липов цвет и слично. А по селата, каде обично нема лекари, на болното место, тоест таму каде што болниот чувствува бодеш, се залепуваат лути пиперки намачкани од внатрешноста со мед. Други пак на болното место ставаат некаква смола или синап налепени на хартија што се држи на градите додека болниот оздрави или умре.
Најпосле, други, пак, од бодеш се лекуваат со постојано ставање лед, а трети сосема поинаку“, пишува Шапакарев.
Бидејќи немало антибиотици болеста бодеш или плеврит во тоа време навистина била смртоноста како и многу други болести.
Мошне интересен е записот за тоа како се лекувала болеста болиоч или очибол, или според денешната медицинска терминологија офталмијата:
„Кога болеста е од разни степени и видови разно се лекува. За смирување на крвави очи намолзуваат млеко од жена, кое често го повторуваат или често ги плакнат очите со чиста студена вода. Кога лекуваат со женско млеко внимаваат млекото да е тенко, а не густо а пред се да е од доилка на машко дете, а уште подобро на жената која ќе го намолзе млекото мажот и да е отсутен.
За отстранување на застарена крв во клепките ставаат истолчено во прав чешмеџе или облоги со слануток (наут). Други пак во ист случај пуштаат крв од болните клепки со смоквин лист или пак со нешто друго. А, пак, находот (катаракта) се лекува додека уште не достигнал над зеницата. Едни го лекуваат, и тоа жени, откако изџвакаат во устата босилек и лук, дуваат во болното око, на окото влијае божем мирисот од спомнатите материи, а истоврмено и му баат, изговорувајќи тихо и потајно некои таинствени зборови. По трикратко баење и дување, го лижат окото со јазикот, до трипати од внатре над самиот наход, мислејќи дека со лижењето находот се отсранува или намалува.
Други пак солат прав во окото од ситно истолчени лушпи од штрково јајце или чист бисер, и мислат дека тој прав лека-полека го разјадува находот, па најпосле и сосема го уништува“.
Во записите на Шапкарев се спомнува и болеста врвеш или дијареа која се лекува со „јадење на дренки, костени, скоруши, диви сливи, трненки и слично. Ако не помогне тоа, тогаш се употребуваат некакви апови кои старите баби ги прават од афион и пајажина“.
За разлика од врвешот, кој се лекувал со дренки, жележницата (коликата) како болест на цревата се лекувала со чај од тревата жележник или чемер, односно линцура:
„Болниот од жележница не страда од неа постојано и неприкинато, туку од време на време. Најпрво осеќа трпки и оптегање на телото, а потоа следуваат болки во лажичката, од прво слаби, а потоа постепено се усилуваат и достигаат до неподниосливост. Честопати болките преминуваат и по телото и се осеќаат како некое животно да ора по телото. Оттука и верувањето дека таа болест е нешто живо, како гуштерка. Истовремено со силните болки доаѓа и нагонот за повраќање. По секое прекинување на болките следува многукратно ждригање кое служи како некое олеснување од маките. Таа болест кај нас, во Охрид, доста многу е распространета и многу владее особено меѓу нежниот пол, а поретко кај мажите, и тоа е изгледа поради влажната клима на местото“.
Според записите на Шапкарев, жележницата најдобро се смирува со чај железничка билка или линцура, многу горчлива трева која воопшто не е штетна а многу помага при вакви болки (колики) во стомакот.
За лекување на жолтицата пак во личниот „лечебник“ на Шапкарев се спомнува пијалок од оцет и истолчен лук, додека за заушки толчена, опојна и наркотична трева пцолчика (бучиниш), потоа барут, толчен кромид измешан со сол, мелем направен од дрвено масло, жолчка од јајце и смола:
„Ако горните лекови на помогнат – пишува Шапкарев – тогаш заушките треба да се лечат по хирурршки начин“.
Меѓу болестите што ги опишува Шапкарев е и косопасецот, болест на косата, од која, како што вели, „влакната капат како со коса покосени“ така што по оваа болест останува не само главата гола, но и веѓите, мустаќите и брадата окапуваат целосно:
„Страдалникот од таа болест не чувствува никаква болка ниту некакво нерасполошение. Болеста е прилепчива, кај нас ја лекуваат и тоа многу успешно. Во една ока чиста вода ставаат половина ока ’ргосани стари клинци, ги варат на оган додека изврие половината вода и остане само половината или макар и помалку- до 150 драма. Во таа вода потоа стават три главици добро истолчен лук, па потоа со таа вода го мијат заразеното место, триејќи силно додека добро се раздразни и поцрвени. По зимивањето и истривањето, го наложуваат истото место со смеса од кравја пресна лепешка со пресно слатко млеко да стои цели 12 часа по што пак го повторуваат миењето и ложењето со лепешка додека болеста сосема не исчезне, без да остане ни траг од неа што се познава од изникнатите на местото нови влакна“.
Според коментарот на прим. д-р Коста Дохчев, презентиран пред дваесеттина години на научниот собир по повод 100-годишнината од издавањето на Зборникот на Шапкарев одржан во Струга, лекувањето со вода од извриени клинци и со додаток на добро истолчен лук е одамна познат начин на народно лекување на косопад, па денес само методот со триење на чист лук е познат како начин на лекување кој се применува од народот, а има и одредено медицинско оправдување, бидејќи лукот при умерено втривање ја зацрвенува кожата, а тоа придонесува за повторно растење на влакната.
„Лекувањето“ пак со смеса од кравја пресна лепешка и пресно слатко млеко е обично недрилекарство и празноверие без никакво медицинско оправдување. Без медицинско оправдување и обајснување и е лекувањето на болеста лошо зрно или црн пришт (антракс) со истолчен корен и лист од трн, како што нема врска сонцето со појавувањето на болеста.
Еве како Шапкарев ја опишува болеста и лекувањето на црниот пришт или лошото зрно:
„Таа болест, ако не се превари со време, најмногу до 12 часа од појавата, последницата е сигурна и брза смрт. Во Кукуш, каде најмногу беснее, ја нерекуваат далак, а ја лекуваат со горење преку посипување со некои лути правови околу ситните зрна, кои потоа, откако местото околу нив отрпне од насипаниот лут прав, ги вадат изрежувајќи ги сите наоколу со брич. На тој начин, ако се превари злото, по два-три дена болниот оздравува потполно. Други пак го горат местото и лошите зрна со нажежено железо“.
Хемороиди се лекувале со пијавици!?
Според записите од публикацијата „По народната медицина и нејзината номенклатура во Македонија“, Шапкарев може да се смета и за основоположник на нашата медицинска лексикографија а како еридит, собирач на народни умотворби и преродбеник не случајно во 1875 година станува дописен член на Бугарската академија на науките. а во 1900 година и редовен член на истата академија.
Во своите записи од народната медицина, во кои оставил медицински народни изрази за 85 болести е и записот на брадавиците или брадајците, како што пишува, за кои вели дека ги сечат со тап предмет или ’ги заврзуваат цврсто со свилен конец или со конец од макара па ги оставаат сами да се исушат’:
„Ако пак се сечат со сечило – со нож, тогаш стануваат опасни и, место една отсечена, израснуваат повеќе на број и поголеми. Во таков случај местото што било пресечено го горат со вжарено железо или со адски камен, односно Argentum nitricum“.
Во однос на брадајците или тртките, стручниот коментар е дека има медицинско оправдување за лекувањето со аргентрум нитрикум, затоа што таа метода со успех се премеиува и денес, но потполно е оправдано и предупредувањето дека ако се сечат со остро сечиво брадавиците постануваат ’опасни’ односно се размножуваат, бидејќи вирусот како причинител се пренесува во непосредната здрава кожа.
Во записите на Шапкарев хемороидите се спомуваат под терминот трдој, а болеста се објаснува како болест на ’задното црево’:
Таа болест се појавува од јадење сурово или бајато јадење, и од седечки живот. ја лекуваат различно – едни го тераат болниот да седи на жешки и со вода или оцет изгаснати тули или на жешки бакарни садови, други го тераат да седи на попарени со жешка вода планински диви метли, трети пак ставаат на болното место пијавици. Но сите средства не помагаат сосема, освен привремено да ја смират лутината на болките.
Според медицинскиот коментар презентиран на научниот собир во Струга во ноември 1992 година, народното име на болеста трдој (хемороиди) најверојатно има преносно значење за трудови кои постојат кога се активираат хемороидите кај болниот. Инаку, и во записите и во народот, повеќе се употребувал турскиот термин мајасил отколку трдој.
Болеста шута-јана пак современата мединска наука ја идентификува како obces ou l’aisselle, односно гнојна инфекција на потните жлезди под мишките позната како Hidrosadenitis axillaris suppurativa.
Според Шапкарев болеста шута-јана е оток под мишките и нагнојување без отеченото место да се зацрви или да создаде глава како чир:
„Шута-јана многупати, како и чиревите, може да се излекува. Ја лекуваат со наложување на лапи од леб или ленено семе или рендана тиква за да омекне прво, а потоа или самата да се провали или да ја продупчат со нешто остро. Старите продупчувале со борина, а сега за да се продупчи ставаат мелем направен од толчен кромид, дробен сапун, дрвено масло и лута ракија. Сите тие нешта ги варат заедно некое време додека стане прав мелем. Тој мелем не само што продупчува туку и ја раствора раната“.
Современиот начин на лекување на оваа болест е со антибиотици или хируршка интервенција – инцизија и дренажа на отокот.
Записите на Шапкарев објавени пред повеќе од сто и дваесет години завршуваат со додаток за четири посебни болести, односно медицински упатства поврзани со мали деца од кои мошне интересен е описот на болеста сатмаџа, но и болеста болмаџа, потоа таканаречената безимена болест, како и начинот на лекување на каснато од змија или шкрапја. Еве накратко по неколку збора за сите од нив: „Сатмаџата е болест при која се појавуваат некакви остри влакна како свински на телото на слабо хранети и помали од три месеца деца. Влакната не се гледаат но ако се истрие кожата на бебето се накострешуваат како свински влакна, а децата се малаксани како полумртви. Затоа жените ако видат вакво нешто кај бебињата ги бричат со брич, а потоа му ја мачкаат целата снага со лук варен во дрвено масло или смола, го тријат, го завиваат и го оставаат бебето да спие. Ако не се спаси до ваквите свински валкна детето нема да преживее, зошто влакната ќе му растат навнатре, во телото…“
Болеста болмаџа е всушност задув во градите, кој исто така убива многу мали деца:
„Таа болест ја лекуваат со пресен дроб или со варен ориз. Штом забележат дека некое дете мачно дише, земаат пресен, уште топол дроб од брав, го истолчуваат брзо, додека не истине, го попрскуваат со пречистен, кристален шеќер и го наложуаат врз градите, оставајќи го така 24 часа. Ако болеста не се спречи, смртта е неизбежна за 2-3 дена“.
Безимената болст е болест во која се вкочанува вилицата на бебето и тоа не може да цица, па, како што вели Шапкарев, ако не од болеста тогаш од глад сигурно умираат за многу кратко време. Болеста се лекувала со земни долги црви, кои обично живеат под камењата:
„Ги измиваат црвите со вино, ги пржат со дрвено масло и топли-топли ги наложуваат на вилицата на болното дете каде што стојат 24 часа. А во случај црви да не можат да се најдат, испржуваат две-три јајца, па нив исто така ги ставаат како црвите. После 24 часа детето оздравува совршено и фаќа да си цица слободно“.
Според стручниот медицински коментар станува збор за тетанична болест која денес многу ретко се сретнува бидејќи одамна е напуштен лошиот обичај за сечење на папочната врвца со срп, а спомнатите начини на ’лекување’ се само најобично празноверие и немаат никакво медицинско значење и оправдување. Последниот запис е записот за тоа како се лекува каснато од змија или шкрапја. Според Шапкарев, односно според она што самиот го искусил или го видел кај најблиските, „ако некој е каснат од змија се зема жива желка, се расцепува на мевот, и, ако е можно, се вовира каснатиот дел во желикиното месо“.
Желките се менуваат додека месото на последната желка не позелени од отровот:
„Други пак лекуваат со ношадор, трева што се лепи по опашките и гривите на коњите. Ја вријат добро со вино, и потоа од лисјата ставаат по еден на каснатото месето, додека секој од нив истине. Ваквиот лек спасува само ако се примени веднаш по каснувањето, додека змискиот отров не прешол преку крвотокот по целото тело.
Други пак врз каснатото место редат пијавици за да ја исмукаат бликата таму заразена крв. Сепак, пред да се лекува со каков било лек мора каснатото место да се заврзе јако над каснатото за да се спречи колку е можно распространувањето на отровот по целото тело преку крвотокот“.
Во записите на Шапкарев се спомнуваат и многу други описи и народни имиња на болести кои сега веќе речиси воопшто не можат да се сретнат: буица, врвеш, грлица, пипка, полазица, рема, бутур, пљуска, лишај, рупељ, напрасница, слачец, кртејчина, кислота, шлибвење, хропотина, пришч, огница, далак, дупеш, жабици, зарек, изгага…