Источно од Претор во густо пошумен планински дел се крие Сливничкиот манастир „Св. Богородица“ со богат фреско-живопис од почетокот на 17 век. Се истакнува композицијата со Светите Седмомисленици, а куриозитет претставува сонцето од Кутлеш – симболот на Александар Македонски, единствен во светилиштата.
Според натписот над влезот во црквата (1607), ктитори биле Михаил и Стојна од Битола. Портрет на нивниот син Купен се наоѓа во олтарната апсида. Подоцна (1612 г.) црквата била доградувана и живописана, а во 1645 година повторно бил насликан делот од уништениот живопис.
Карактеристично е што покрај живописот и иконостасот со голем крст, царските двери се изработени во резба – престолните икони што припаѓаат на 17 век.
Во текот на 19 век црквата била обновувана, биле изградени помошни простории и камбанарија. Според преданијата како и според богатиот книжен фонд во манастирот, во минатото тој претставувал центар за просветување и револуционерни активности (крајот на 19 и почетокот на 20 век). Книжниот фонд бил уништен од страна на грчкиот владика Мелетиј. Овој манастир бил центар за управување на сите манастирски имоти во Преспа и пошироко.
За време на престојот на италијанската војска во 1942 година манастирските конаци беа зафатени од пожар, а нивно обновување се изврши во последната деценија на 20-тиот век.
На 6 километри јужно, до самото езеро на широк и рамен простор е распослана туристичката населба Крани што го добила името по иметоименото село, сместено во подножјето на планината Баба. Се претпоставува дека во Крани бил погребан зетот на цароит Самуил, сопругот на Косара, Јован Владимир, кого го погубил Иван Владислав.
Десно од патот останува селото Штрбово со песочна плажа и услови за селски туризам. До седмата деценија на 20 век старото село се наоѓаше во планинското подножје во „штрб“ трап по што го има добиено и името.
Посебно внимание привлекува новоизградената црква Свети Јован од градителот Гоце Котев Петревски – Мурџев од истото село со сопругата Босилка, ќерките Стефанија и Ана и синот Никола. Над влесот пишува дека црквата е изградена во летото господово 1998. По завршувањето на фрескоживописот, ктиторот изградил посебни простории за крштевање, готвење, како и трпезарија во дворното место.
Натаму до езерото е сместено селото Наколец, каде што, исто така, постојат услови за сместување во приватни куќи. При покачувањето на езерското ниво водата го поплавува југозападниот дел на селото. Неговото име дошло од некогашниот премин и живеалиште на колци (над водата) од што се откриени траги.
Уште натаму, лево од патот е селото Долно Дупени, а десно постои убава плажа. Во планината се наоѓа рудник на мермер-сиенит. Постојат остатоци од старо село, цркви и некрополи.
Во Преспа постои и село Горно Дупени за оттаму и атрибутот Долно. За името на Дупени има повеќе толкувања но, се чини дека би било најприфатливо дека потекнува од старословенскиот збор Дупина (дупка) што се совпаѓа со местоположбата на двете села со името Дупени. И двете (старото Долно и сегашното Горно) изникнале во широки долови. Именувањата Горно и Долно се од поново време.
Северно од Долно Дупени патот води кон Љубојно село со интересна архитектура. Тоа е центар на Долна Преспа, село од кое потекнуваат најголем број високообразовани луѓе. Жителите одамна се познати како напредни овоштари и лозари.
Во историските извори 16 век, е забележано како Љубовино. Тоа се совпаѓа и со едно предание според кое името дошло по првонаселената меанџика Љуба, која точела многу убаво вино. Кога муштерите влегувале во кафеаната нарачувале „Љубо вино“. Инаку локалните вина од памтивек се познати по својот квалитет.
Повисоко во планински амбиент е сместенио селото Брајчино. во чија река егзистира прочуенара пастрмка. Овде постои манастирска црква „Света Петка“ со реставриран живопис од 14 век. Планината е со густа чамова шума, а во селото постои пилана. Има услови за селски планинаки туризам.
Според преданието од почит кон најстариот брат Ичин (Ичко, Ицко) прво населението местото го нарекле Бра(т)ичино. Ова би можело да се потврди и со денешните именувања во Долна Преспа: братичанец, братичанка, или: братицко, братицка, братицки. Денешното име е дојдено со замена на гласот и со ј.
Според книгата „Преспа“ од Кирил Јоновски, Скопје 2000.