Др Таше ТРПЧЕВСКИ, директор на „Плодност“, Битола и татко на д-р Христијан Трпчевски поради кого болницата беше затворена, пред еден час на ФБ профилот на болницата објави дека целото семејство на неговиот син е негативно на корона вирусот, според резултатите кои пристигнале врз основа на тестирањето извршено во саботата.
Тоа што сега се јавува како проблем е што на „спорниот“ доктор Христијан, поради кого беше затворена болницата, според Таше Трпчевски, ова му е трет тест за седум дена. Во понеделникот бил негативен, во петокот позитивен, а тестот направен со примероци од следниот ден – сабота, повторно негативен. Еве што Трпчевски објави пред малку:
Д-р Таше Трпчевски
РАДОСНА ВЕСТ – НЕГАТИВНИ ТЕСТОВИТЕ ОД КОРОНА НА СЕМЕСТВОТО ТРПЧЕВСКИ
Почитувани пациенти, сограѓани и пријатели,
Во изминативе денови, навистина се соочувавме со страв, неизвесност и голема одговорност. По позитивниот резултат на д-р Христијан Трпчевски, без двоумење, за доброто на сите нас и на нашите пациенти, одлучивме сите да заминеме во домашна самоизолација и да ни бидат земени брисеви за испитување.
Во домот живееме како петточлено семејство, јас со мојата сопруга Гордана, синот Христијан, снаата Емилија и малото бебе. Сите петмина, вклучувајќи го и бебето, бевме тестирани од корона вирусот. На д-р Христијан Трпчевски, во само 6 дена, тоа му беше трето тестирање.
За радост на целото семејство, сите пет резултати кои пристигнаа вечерва, а беа земени во саботата, се НЕГАТИВНИ и сите сме во добро здравје.
Минатиот понеделник, пред една недела, кај д-р Христијан Трпчевски, тестот беше негативен. Во петокот позитивен, а во саботата, кога сите се тестиравме, повторно негативен. Дали д-р Христијан Трпчевски имаше или немаше корона вирус, останува отворено прашање, за кое медицината треба да одговори. Иако фамилијарно сите сме лекари, немаме одговор на оваа состојба.
Ја споделуваме оваа радост со Вас, но и покрај негативните резултати, нашето семејство ќе остане во самоизолација. Секако и Болница „Плодност“ ќе биде подолнително третирана со дезинфициенти и отворена на 13 април.
Им се заблагодаруваме на сите кои не поддржаа во овие тешки моменти. Исто така, им се заблагодаруваме на епидемиолошкиот и инфектолошкиот тим на лекари од Битола, на чело со д-р Тони Коњановски, кои се грижеа максимално и ни даава поддршка и совети по неколку пати дневно.
Останете во добро здравје, седете дома и имајте позитивна мисла.
Срдечно, прим. д-р Таше Трпчевски