Атмосферата во последниов месец во односите меѓу Македонија и Бугарија наликува на таа пред неколку години меѓу Македонија и Грција, пред потпишувањето на Договорот од Преспа. Тогаш бившите премиери Зоран Заев и Алексис Ципрас се смешкаа, правеа селфи, летаа авиони, а сега тоа го прават актуелните премиери на Македонија и Бугарија, Димитар Ковачевски и Кирил Петков.
Медиумите се полнат со „позитивно гориво“ и се прави атмосфера, а од македонска страна се жртвуваат Македонците кои живеат во Бугарија, не се спомнуваат од официјална македонска страна, се оставаат сами да се борат за нивните права, како што се случи и со Македонците во Грција при наглото затоплување на односите на Македонија со Грција, односно сега со Бугарија.
Македонија и Бугарија продолжуваат со активниот дијалог за т.н. пакет политички прашања и за интензивирање на соработката во областите дефинирани со работните групи согласно утврдената динамика што треба да го откочи евроинтеграцискиот пат на земјава.
Во конструктивна и отворена атмосфера поминала вчера во Софија четвртата рунда експертски разговори меѓу тимовите на министерствата за надворешни работи на Република Македонија и Република Бугарија, ангажирани во дијалогот по однос на отворените политички прашања.
Како што соопшти Министерството за надворешни работи, на состанокот биле разгледани последните предлози испратени минатата година од нашата држава во одговор на предлозите на бугарската страна претставени на третиот круг експертски консултации кои се одржаа во септември лани во Скопје.
–Тимовите на министерствата за надворешни работи го потврдија ангажманот за поддршка на активен дијалог насочен кон изнаоѓање заемно прифатливи решенија за клучните теми од билатералната политичка агенда, наведоа од МНР и најавија дека следниот круг експертски разговори ќе се одржи во најскоро време во Скопје.
Вчерашната средба беше договорена од министрите за надворешни работи Бујар Османи и Теодора Генчовска за време на заедничката меѓувладина седница на двете држави што се одржа на 25-ти минатиот месец. Двајцата притоа се согласија дека во духот на напорите за создавање нова позитивна динамика, неопходно е интензивно продолжување на разговорите за т.н. пакет политички прашања.
Премиерот Димитар Ковачевски, вчера прашан за коментар на одредени изјави на членови на Заедничката историската комисија со Бугарија, како и за новиот пристап преку дијалог на новоформираните работни групи меѓу двете земји, порача дека треба да се остави политичарите да зборуваат за политичките прашања, а историчарите за историските прашања.
– Историчарите работат според методологија, претседаваат двајца претседатели. Политичките прашања се предмет на разговорот помеѓу министерствата за надворешни работи. Тие денеска имаат состанок во Софија и кога комисиите ќе имаат што да изјават тогаш тоа останува на нив заеднички да го направат. Во однос на историската комисија треба да се остави на историчарите според својата методологија да ги даваат изјавите, политичарите да зборуваат за политичките прашања, историчарите за историските прашања, рече Ковачевски, одговарајќи на новинарски прашања.
Бугарската министерка за надворешни работи Теодора Генчовска, пак, пред состанокот на експертско ниво меѓу министерствата за надворешни работи на двете земји, во Софија, изјави дека Бугарија бара целосна примена на Договорот за добрососедство од 2017 година и почитување на правата на Бугарите.
Според Генчовска, Бугарија ќе продолжи да го поддржува, како што тврди, „легитимното барање Бугарите во Македонија да бидат вклучени еднакво со сите останати народи, во нејзиниот Устав“, јави дописникот на МИА од Софија.
Еден од главните приоритети, вели таа, е да биде постигнат напредок во работата на Заедничката комисија за историски и образовни прашања, за изготвување календар за заедничко чествување на личностите од, како што тврди, „заедничката историја, за кои веќе е постигната согласност“.
– Ќе бараме и да започне процес за осовременување на наставните програми во РС Македонија, рече шефицата на бугарската дипломатија за бугарското радио БНР.
Претседателот Стево Пендаровски, пак, во интервју за Еуроњуз говорејќи за актуелни прашања поврзани со односите со Република Бугарија, посочува дека сè уште се бори да најде оправдување зошто настаните што се случиле во далечното минато имаат толку несразмерно влијание врз судбината на неговите граѓани денес.
-Не можам да му објаснам на просечниот македонски гласач или граѓанин колку е важно за влез во ЕУ – организација основана во 1957 година, во 20 век, каква етничка припадност бил Гоце Делчев или некој друг темелен херој, како цар Самуил пред десет века, наведува Пендаровски.
И додеката дебатата за македонскиот идентитет што доведе Бугарија да стави вето на пристапот на нејзиниот сосед во ЕУ, која, како што се посочува во написот на Еуроњуз, влезе во третата година, македонскиот претседател посочува дека сè уште верува оти новоизбраните премиери Петков и Ковачевски можат да го решат ќор-сокакот, како „млади луѓе кои доаѓаат надвор од политичкиот мејнстрим [кои] зборуваат различен јазик“, но, при тоа, изразува загриженост дека улогата на ЕУ како решавач на проблемите во спорот можеби е на удар.
-Знаете, нам ни е преку глава од сите овие приказни дека сме географски дел од Европа. Би сакале конечно да бидеме институционален дел од Европа. Нема да се откажеме. Тоа е сигурно…Но, можам да ви кажам дека, доколку уште едно одложување се случи повторно, тогаш, од јуни натаму, проевропските сили и проевропските политичари или реформисти нема да победат на други избори во оваа земја, оценува Пендаровски посочувајќи дека покрај заморот од проширување во Брисел, замор постои и кај нас бидејќи сме со статус земја канидат за членство веќе 17 години.
Во рамки на обновениот македонски-бугарски дијалог состаноците на работните групи меѓу двете земји, ќе продолжат со најавеното темпо – четири до пет пати во месецот ќе се среќаваат делегации на двете земји за да разговараат за прашања од инфраструктурата, образованието, културата, евроинтеграциите, историјата. Овој месец преговорите продолжуваат на 14-ти кога ќе се состане Работната група за евроинтеграции, потоа на 21-ви Работната група за образование и на 28 февруари за кога е закажам состанок на Заедничката комисија за историски прашања.
Паралелно со експертските разговори за пакетот политички прашања, на Меѓународниот аердром Скопје вчера претпладне слета авионот на компанијата „Гуливер“ од Софија, со што се реализираше првиот лет на таа релација по пауза од повеќе години. Македонска владина делегација предводена од министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски, а во придружба на делегација од Бугарија составена од министерот за транспорт, Николај Сабев и за министерот за туризам, Христо Проданов, како и тур-оператори од Бугарија со првиот лет слетаа на Скопскиот аеродром. По средбата што ја одржаа во Клубот на пратеници Бочварски и Сабев најавија дека редовната авиолинија Софија – Скопје треба да профункционира од 27 март, а граничниот премин Клепало да биде отворен до крајот на годината.
Според најавите, скопскиот и софискиот аеродром ќе поддржат програма за стимулирање нови летови за авиолинијата Софија – Скопје да не трае само шест месеци како што било во периодот меѓу 2007 и 2009 година. Се водат разговори и за воведување летови од Софија до Охрид и од Варна и Бургаз до Скопје и до Охрид.
Министерот Бочварски најави дека туроператорите и воздухопловните власти од двете земји ќе продолжат со соработка за да ги отворат и идните, трети дестинации кои би се формирале со линијата Софија – Скопје.
-Сакам да ги убедем граѓаните од двете земји дека ги отвораме вратите слободно да патуваат од С. Македонија во Бугарија, да ги користат поволностите и да направиме повеќе можност за туризам, економија, културна и спопртска размена со што ќе успееме како две пријателски држави да им покажеме и на регионот и на Европа како треба да соработуваме, изјави Бочварски.
Неговиот колега Сабев потенцираше дека авиолинијата Софија – Скопје треба да даде можност на еден поголем пакет многу бизнис активности кои ќе овозможат уште подобар економски стандард.
-Забележавме голем интерес од страна на македонските и бугарските тур-оператори. Од Бугарија дојдоа и најголемите инвеститори на туристичкиот бизнис. Видовме многу голем интерес дека ќе го користат тој мост помеѓу двете министерства за транспорт така што ќе ги побараат новите можности. Ние зборуваме да се овозможат подобри економски услови луѓето во Бугарија и во Македонија да добијат многу подобри понуди за да патуваат бргу, лесно и пријатно. И после тоа да ги информираат своите соседи и пријатели, рече Сабев.
Поголем развој на туризот со отворањето на авиолинијата Софија-Скопје очекува и министерот за економија Крешник Бектеши. Во 2021 година двојно бил зголемен бројот на бугарски туристи во однос на 2020-та, а 500 000 македонски граѓани ја посетиле Бугарија во 2019 година.
Како што најави Сабев, доколку поскоро ги добијат еколошките дозволи граничниот премин Клепало ќе биде во функција до крајот на годината. Патот до граничниот премин Kлепало што треба да се изгради од страна на Бугарија е долг само 13 километри. Преминот треба да има само една, заедничка гранична контрола што ќе го олесни, забрза и поедностави движењето на граѓаните. Од македонска страна патот до Клепало е веќе направен, а изграден е и објектот на граничниот премин.
Како што информира Сабев, Бугарија ќе направи напори и за железничко поврзување преку тунелот Деве Баир, односно за што поскоро да се пробие тунелот под преминот и да се овозможи железничкото поврзување меѓу двете земји.
Во Софија завчера заседаваше меѓуресорската работна група за соработка во областа на инфраструктурата, транспортот и поврзувањето, на која, како што соопшти Министерството за транспорт и врски, двете страни се согласија на зголемување на квотата на дозволи на 1.500 годишни дозволи за транспорт на стоки за и од трети земји. Исто така, Комисијата направила значителен напредок во преговорите за целосна либерализација на товарниот транспорт.