Ајфеловата кула во Париз во понеделникот беше затворена откако вработените стапија во штрајк поради тврдења дека на нивни колешки им било кажано да се повлечат од видик за време на посетата на хиндуистичка верска група, што предизвика критики од француски политичари.
Околу 100 членови на организацијата „Bochasanwasi Akshar Purushottam Swaminarayan Sanstha“ (BAPS), глобална хиндуистичка организација со седиште во Ахмедабад, Индија, ја посетиле познатата знаменитост во саботата.
BAPS се опишува себеси како „духовно, волонтерско здружение“ посветено на унапредување на општеството преку личен развој и промовирање на хиндуистичките вредности на верата, служењето на другите и глобалната хармонија. Групата во неделата отворила нов хиндуистички храм во Париз, пишува CNN.
Дијан Давоан, синдикална претставничка на вработените на Ајфеловата кула, изјавила дека за време на посетата „од жените било побарано да ги напуштат своите работни места за на нив да бидат поставени мажи“.
„Вработените апсолутно не го прифаќаат тоа, а особено жените, кои, секако, се чувствуваат понижено поради тоа што се случило и начинот на кој некои од нив биле третирани“, рекла таа.
Градоначалникот на Париз, Емануел Грегоар, изјавил дека е покрената истрага за овие наводи.
„Не е прифатливо да се толерираат такви услови“, напишал тој на мрежата X. „Тоа не се ниту мои вредности, ниту вредностите што треба да ги претставува Ајфеловата кула – место каде што сите треба слободно да можат да се движат и да постапуваат, без разлика дали се жени или мажи.“
Компанијата која управува со Ајфеловата кула (SETE) потврдила дека делегацијата побарала посета за време на која би биле ограничени „интеракциите со жени“, објави партнерскиот канал на CNN, BFMTV.
Од SETE навеле дека „таквите услови не требало да бидат прифатени“, пренесува BFMTV.
CNN побарал коментар од SETE.
Во соопштението објавено на мрежата X, BAPS директно не ги споменала вработените жени, но навела дека загриженоста ја сфаќа „многу сериозно“ и дека посетата била организирана „во координација со тимот на Ајфеловата кула на почетокот на редовното работно време“, со цел што помалку да се вознемируваат останатите посетители.
„Според нашите сознанија, во ниту еден момент никому не му бил оневозможен пристапот до Ајфеловата кула“, се наведува во соопштението. „Сепак, искрено се извинуваме за каква било болка или непријатност што сме ја предизвикале.“
Веста за затворањето на кулата во вторникот се најде на насловните страници во Индија. Некои коментатори на социјалните мрежи прашувале зошто управата на споменикот се согласила со наводното барање вработените жени да се повлечат. Други оцениле дека инцидентот го нарушил кредибилитетот на Индија и на хиндуистичката религија.




