Погрешно е доколку лагата ја сметате за вистина, а вистината за лага, им порача германската канцеларка Ангела Меркел на студентите на универзитетот Харвард, во синоќешното обраќање на церемонијата на врачување на дипломите.
Таа ги охрабри студентите решително да застанат во одбрана на своите неотуѓиви права и да се воздржуваат од избрзани реакции, кога ќе бидат под притисок на носење итни одлуки.
– Наместо тоа, застанете за миг, бидете мирни, паузирајте. За такви одлуки сосема е сигурно дека е потребна храброст, но пред се и искреност, нагласи Меркел во говорот што го одржа на германски јазик.
Таа порача дека добри решенија најдобро се носат доколку се обидеме да ги гледаме работите со очите на другите, што наиде на повици на одобрување и аплаузи.
Меркел истакна дека нејзиното политичко искуство ја научило да ги почитува ставовите, религијата и идентитетот на другите, што и помогнало во носењето на добри одлуки.
Германската канцеларка се осврна и на искуствата на Германија со Берлинскиот ѕид, нагласувајќи дека „ѕидовите во човековите глави, ѕидовите на игноранција и малодушност“, постојат и меѓу членовите на семејствата и меѓу општествените групи на луѓе со различна боја на кожата, националност и религија.
– Доколку ги урнеме ѕидовите меѓу нас и нив, ќе излеземе на отворен терен и ќе стекнеме храброст за нов почеток. Тогаш се е можно, додаде Меркел.
Таа на крајот на говорот им порача на студентите да преземат „заедничка акција во интерес на мултилатералниот глобален свет“ и да „се изненадат себе си кога ќе видат што се е можно“.
Инаку, за време на церемонијата на врачување дипломи на Меркел и беше врачена титулата почесен доктор на Универзитетот Харвард. Својата одлука за доделување на титулата на Меркел, Универзитетот ја образложи со „нејзините 14 години прагматизам и решителност“ на чело на Германија, оценувајќи дека таа е „моќен политички актер во Европа“.
Иако во своето обраќање Меркел ниту еднаш не го спомна американскиот претседател Доналд Трамп, многумина коментатори оценуваат дека нејзините пораки всушност претставувале критики на неговата политика, поврзани со изолационизмот, изградбата на ѕидот долж границата меѓу САД и Мексико, давањето расистички изјави и честите обвинувања на негова сметка за лажење.
Односите меѓу Меркел и Трамп важат за „далеку од срдечни“, на што укажува и фактот дека за време на кусиот престој на германската канцеларка на САД, не е предвидена нивна средба.