ЗАВРШНИ ЗБОРОВИ НА БОКИ 13: За мојот бизнис, од првиот ден, поддршка имав од Заев и Владата, а за тоа знаеја и Кирацовски, Богоев, Ременски…

/ 18.03.2022

Бојан Јовановски, познат како Боки 13 денес ги има своите завршни зборови пред судот во својата одбрана за случајот „Меѓународен сојуз“.

Но, не му беше дозволено да зборува како и што сака, бидејќи во моментите кога спомнуваше имиња на функционери и екс-функционери од СДСМ, тој беше замолкнуван од страна на судијата.

Прв пат ова се случи кога денес Јовановски ги спомна Зоран Заев, Стефан Богоев и Александар Кирацовски, сакајќи да ја објасни нивната поврзаност со дел од проектите на „Меѓународен сојуз“. По ова, неговиот говор е попречен со објаснување од судијката дека тој треба да зборува за нешто друго.

Судењето за овој случај го води судијката Софче Гаврилова-Ефремова, а застапник на обвинението е обвинителката Вилма Рускоска.

-Жалам што не успеавме да ги испитаме како сведоци, штета што не изведовме докази и комуникации. Тие пораки може ќе придонесоа за уште повеќе докази. За овој проект министерот за транспорт и врски Сугарески потпиша наменски меморандум со „Меѓународен сојуз“ со цел брзо и ефикасно реализирање на поставениот проект, претходно поддржан од Владата на Зоран Заев. Пред да се донесе акцискиот план, му беше презентиран проектот на Заев како тогашен премиер, а јас како тогашен член и симпатизер на СДСМ. Од Заев не само што добивме поддршка, туку и ветување дека ќе биде формирана специјална комисија која ќе помогне за реализација на проектите од „Меѓународен сојуз“, истакна Јовановски.

По ова Бојан беше прекинат од судијката која му се закани дека ќе му го скрати правото за завршни зборови.

Судијката му посочи дека негова должност е да направи анализа на изведените докази во постапката, а не да зборува за ова.

Боки 13 откри дел од комуникацијата со СДСМ

Сепак Јовановски откри дел од комуникацијата со дел од функционерите на СДСМ.

-Со Стефан Богоев јас имам пријателски однос, континуирани средби. Зборуваме и за политика и за приватни теми. Во предизборната кампања на Богоев за кандидат за градоначалник на Карпош е ставен проектот за изградба на старечки домови. За тоа постојат комуникации кои не беа изведени пред овој суд. Ноторна девијација на вистината е тоа дека јас сум знаел дека ќе нема земјиште и сум држел бизнисмени во заблуда. Му велам на Стефан дали може да се видиме да договориме детали за  старечкиот дом, тој ми рече дека имал Финансова полиција и не можел, а јас му реков дека мора да се видиме за да не се откажам од договорот. Втора комуникација, Богоев ми вели “немај гајле, завршено е за локацијата“. „Ќе средиме се кога ќе се видиме“, истакна Јовановски.

Потоа Јовановски комуницирал со лице задолжено за комунален сектор во општина Карпош.

-Локацијата постоеше и покрај со Богоев се преговараше и со министерот за транспорт и врски. Доаѓаме до друг факт, носење на уредба со сила на закон, донесена на Влада за уредување на цени за изградба на старечки домови кога се активни овие два договори. Тоа го има во мојата неизведена комуникација со Горан Сугарески. Така се формирани пониски цени во однос на парцелите. Ако ова не било сериозно, кој ми го донесе мене Анго Ангов од општина Дојран да потпише меморандум за соработка. Тој дојде по партиска директива. Јас тој меморандум не го злоупотребив, од тој меморандум многу од општините профитираа. Тие што викаат дека јас сум сакал да сесликам со нив, баш тие бараа да се сликаат со мене и да добиваат лајкови, истакна Јовановски.

Адвокатот на Јовановски реагираше дека обвинителот имал право да зборува на ист ваков начин, а на обвинетиот тоа право му е скратено.

Горд на два потпишани договори

Јовановски изјави дека е горд на два потпишани договори, кои, според него, се општествено корисни и од капитално значење за државата.

– Поддршката од Владата, од Зоран Заев како премиер, ја имав од првиот ден на формирањето на „Меѓународен сојуз“. Дека Зоран Заев бил информиран и дека знаел за активностите и проектот е неспорен факт. Во судот беа спомнувани 719.350 илјади евра и други цифри, а никаде не видовме некаков доказ, истакна Јовановски.

Идејата за изградба на старечки дом, како што рече тој, ја добил во разговор со бизнисменот Силјан Мицевски.

– Во Скопје, Охрид и Гевгелија или Дорјан. Тие беа трите точки каде требаше да се изградат старечките домови. Проектот беше по мотив, волја, желба на бизнисменот Мицевски. И тоа на негово земјиште во Битола, за кое беа платени комуналии за зграда. Сакаше таму да гради, рече Јовановски.

Во завршните зборови Јовановски посочи дека од бизисменот Адријан Амзоски примил 350 илјади евра во готовина и дека за тоа не знаеле Фросина Ременски и Јасна Мандиќ – Ерцеговиќ, туку дека со тоа биле запознати Зоран Заев, Александар Кирацовски и Стефан Богоев.

Судијката Софче Гаврилова – Ефремова неколку пати го предупреди Јовановски да се придржува на завршните зборови кои се однесуваат на изнесените докази и, како што рече, ова е последен пат да го предупредува.

Ја замоли судијката да издржи уште денес

Јовановски возврати дека се надева оти овие прекорувања од судијката се уште само денеска и ја замоли „да го изржи уште денес“.

Првото рочиште за овој предмет се одржа на 1 јули 2020 година. Судењето за случајот го води судијката Софче Гаврилова – Ефремова, а застапник на денешното рочиште на Основното обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција е јавниот обвинител Трајче Пеливанов.

Според обвинителниот акт, обвинетите ги измамиле бизнисмените Силјан Мицески и Адријан Амзоски дека ќе учествуваат во проект преку „Меѓународниот сојуз“ на Бојан Јовановски – Боки 13 и ги оштетиле со повеќе илјади евра.

Првообвинет во овој предмет е Бојан Јовановски – Боки 13, кој според обвинителниот акт е обвинет за кривичните дела „измама и перење пари”.

Обвинети во овој случај се и поранешната пратеничка од редовите на СДСМ Фросина Ременски, Миле Јовановски, таткото на првообвинетиот Бојан Јовановски, и Јасна Мандиќ – Ерцеговиќ. Обвинетата Ременски се товари за кривично дело „помагање во делото измама”, Мандиќ за „помагање во измамата и перењето пари”, а Миле Јовановски се товари за „помагање во перењето пари” и за „неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје”. Како правно лице обвинета е и невладината организација „Меѓународен сојуз”.


Од истата категорија