Во три продолженија ќе ви го презентираме завршниот збор на екс претседателот на Собранието, Трајко Вељановски, обвинет како организитор на настаните од „27 април“:

Почитувани членови на Судскиот совет,

почитувани претставници на медиумите и на невладините организации,

животот ни приредува најразновидни искушенија и нè става во секакви ситуации.

Соочувајќи се со ваков сплет на животни прилики, дури и кога станува збор за состојби како оваа, немаме друг избор освен достоинствено да го издржиме товарот на накалемената неправда и со личен спокој да ѝ помогнеме на вистината да го види светлото на денот.

Трпеливо, веќе четири години го носам товарот на оваа целосно неоправдана крајно негативна и со ништо предизвикана животна околност во која сум доведен.

Трпеливо, веќе четири години напорно се трудам да ја извадам вистината на увид на јавноста, наспроти долгите периоди на темнина и неосновани предрасуди кои бдеат над оваа моја важна животна битка.

Конечно, трпеливо, веќе четири години го носам овој грамаден товар, затоа што знам дека сум чист пред себе и пред вас, и затоа што силно верувам дека Бог ни ги дава само оние товари во животот кои сме подготвени да ги носиме.

Почитувани членови на Судскиот совет,

пред да започнам со моите завршни зборови, дозволете ми да го констатирам беспрекорното водење на оваа судска постапка, силно верувајќи дека покренатото обвинените против мене за настаните од 27 април ќе биде побиено во целост.

Истовремено, пред да почнам да навлегувам во суштината на оваа тема, чувствувам искрена потреба уште еднаш во целост и со индигнација да ги осудам овие настани и јавно да го манифестирам моето длабоко жалење, затоа што беа повредени мои колеги, независно од тоа на која политичка опција ѝ припаѓаат.

Конечно, силно верувајќи во правдата и во праведноста, сосема спокојно и одважно влегувам во финалето на еден процес кој ми предизвика голема лична штета на професионален и на приватен план, како и ненадоместливи семејни трауми.

До денес, себеси, на моето потесно семејство, како и на пријателите не можам да им објаснам, ниту, пак, тие самите можат да разберат, како еден претседател на Собранието што девет години го водеше овој највисок законодавен дом, со закажани и одржани 361 седница со повеќе од 15 000 точки од дневен ред,  доживеа да биде обвинет за тероризам и за обид за нарушување на уставниот поредок на држава?!

До денес, себеси, на моето потесно семејство, како и на пријателите не можам да им објаснам, ниту, пак, тие самите можат да разберат, како се случи човекот што секогаш во својата работа, како претседател на Собрание, пратеник, заменик-министер за правда се води од начелото на законитост и на лична чесност, да биде исправен пред ваков животен предизвик?

Од самиот почеток на постапката, уште од истражната постапка и барањето за притвор јасна беше мотивацијата на Обвинителството. Еве, честит суде, барањето за притвор не беше одобрено од Собранието, но јас ниту побегнав, ниту ја опструирав работата на судот, ниту влијаев на сведоци и се појавив лично на сите закажани рочишта. Тоа секако значи, дека ниту чувствувам вина, ниту имам што да скријам, ниту имам намера да влијаам на сведоци затоа што е повеќе од очигледно дека вистината е на моја страна. Впрочем сведоците, меѓу кои и актуелниот премиер Заев, кажаа дека не сметаат дека јас сум организаторот на овие настани, но за тоа подолу во завршните зборови.

Сепак, како што често споменувам, дури и најтешките животни предизвици се полесно надминливи доколку сте уверени во исправноста на вашите постапки и доколку знаете дека вашиот најголем сојузник се чистата совест и вистината!

Јас, од оваа животна бура, со човечка смиреност и гледајќи го секого право в очи, уверен сум дека ќе излезам со крената глава заради моите два најголеми сојузника: чистата совест и вистината.

 

Имајќи го предвид истакнатото, дозволете ми да започнам со обвинителниот акт, кој, според мое најдлабоко уверување е комплетно паушален, произволен и непоткрепен со докази.

———————————————————————————————-

Во однос на делот од обвинението, цитирам: „Никола Груевски, Трајко Вељаноски, Миле Јанакиески, Спиро Ристески, Владимир Атанасовски и Никола Бошкоски изготвиле план со намера да го загрозат уставниот поредок и безбедноста на РМ“, би сакал да го истакнам следново: ниту сум знаел и ниту сум изготвил план, туку јас цело време бев посветен да заврши конститутивната седница, и ги преземав сите деловнички постапки за завршување на конститутивната седница, а за тоа има и материјални докази кои беа изведени и тоа стенографски белешки од седницата на Собранието, дописи-барања од пратеници и записници од кординативни средби од 29.12.2016 год., 21.03.2017 год., 22.03.2017 год., 23.03.2017 год., 28.03.2017 год., 29.03.2017 год., 30.03.2017 год., 31.03.2017 год., 03.04.2017 год., 05.04.2017 год., два записника од 06.04.2017 год. и од 10.04.2017 год.

За каков план зборува Обвинителството кога со Владимир Атанасовски не сум имал никакви контакти изминатите 9 години додека сум бил претседател на Собранието на Република Македонија, дури него првпат го сретнав кога започна овој процес, не го познавав и не му го знаев ниту ликот како изгледа, со Миле Јанакиески сум имал контакти службено кога беше министер сè до 2015 година, а во текот на 2017 година сум немал никакви контакти ни службени ниту приватни. Со Спиро Ристовски во периодот, кој е предмет на овој кривично правен настан имав службени контакти преку пораки и тоа неколку дена пред 27 април и на 27 април пред почеток на седницата, но и потоа, но тој контакт беше во врска со инспекциски надзор од страна на Државниот просветен инспекторат, а тоа се докажа со материјален доказ кој се изведе на главната расправа на ден 07 јуни 2021 год.

За жал обвинителството во својот завршен збор безобразно искажа една невистина а тоа се однесува дека јас и Спире Ристески сме имале интезивна комуникација на ден 27 април помеѓу 11,33,00 и 11,36,00 која комуникација била поврзана со настаните од 27 април тоа е голема невистина да не кажам лага затоа што почитуване суде и вие видовте а и јавноста виде на 7 јуни 2021 година  кога се изведе материјалниот доказ дека комуникацијата помеѓу мене и Спире Ристоски била за сосема друго јас како пратеник а тој како заменик министер за образование сме имале комуникација само за едно а тоа е за инспекциски надзор од страна на Државниот просветен инспекторат, го видовте вие, го виде и јавноста и тоа е единствената и вистинска фактичка состојба во однос на комуникацијата со Спиро Ристески

Во поткрепа на нашите тврдења, ќе укажам на сведочењето на сведокот ЗОРАН ЗАЕВ на ден 27 ноември 2020 година на главната расправа, кој го кажа следново, цитирам: „Како човек, којшто беше жртва на тој  настан, верувам дека бев еден од првотаргетираните во делот на насилството на тој настан, логично мислам дека има организатори на тој настан, но како упатен човек, информиран човек во тоа време шеф на парламентарната позиција во Парламентот, односно претседател на најголемата политичка партија не мислам дека главни осмислувачи, мотиватори, организатори на настаните на 27-ми април се Миле Јанакиевски, Спиро Ристовски, Трајко Велјановски. Не ги познавам другите“.

Обвинителството со ништо ама баш со ништо ниту докажа, а ниту понуди докази за тој некаков план во кој јас сум учествувал, а тоа е затоа што нема план и нема мое учество во тој наводен план.

———————————————————————-

Во однос на делот од обвинението цитирам: „Обвинетиот Трајко Вељаноски во својство на претседавач на Собранието на Република Македонија требало да оневозможи избор на претседател на Собранието на Република Македонија од новото парламентарно мнозинство со кординирање на пратениците од коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ“.

Со факти и материјални и вербални докази докажав дека Конститутивната седница ја закажав согласно со Уставот и Деловникот на Собранието на 30 декември 2016 година. Во доказната постапка докажав дека за непречено течење на седницата закажав подготвителен состанок на 29 декември 2016 година во 13,00 часот. На тој состанок присуствуваа претставници од ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ, ДУИ, БЕСА и Алијанса за Албанците. За тоа има и докази, записник од кординација од 29 декември 2016, како и предложените сведоци.

Сево ова го докажав со материјален доказ – записник од 29 декември 2016 год., кој се изведе на главната расправа на 21 август 2020 год., а истото  го потврдија и сведоците и тоа:

Сведокот Илија Димовски на 10 септември 2020 год. го кажа следново, цитирам:

„На прашање на бранителот: Дали може да ни го појасните текот на конститутивната седница прво продолжение од 30.12.2016 година?

Сведокот одговори: Во насока за да објаснам како јас сум ги перцепирал работите би сакал да подвлечам дека во претходниот мандат пред таа конститутивна седница јас ја обавував функцијата координатор на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „За подобра Македонија“. Следствено на тоа, пред конститутивната седница неформално, продолжив да ги обавувам работите што би ги обавувал координатор  на пратеничка група без притоа формално да бидам избран. И тоа се случувало секогаш за сите пратенички групи. При конституирање на тој состав на Собранието и при конституирање на претходни и после тој состав има практика тој што е поранешен претседател, односно претседавач на следниот состав да свика средби формални и неформални околу усогласување на начинот на кој ќе се конституира Собранието. Тоа се случуваше и во тој мандат и претходно, се случуваше и во овој последниот мандат. Конститутивната седница е регулирана со посебна глава во Деловникот за работа во Собранието, со тој Деловник се предвидени практично четири работи коишто треба да бидат направени на конститутивна седница. Првата е избор на верификациона комисија, втората е верификација на мандатите на пратениците, третата е избор на комисија за прашања на изборите и именувањата и четвртата е избор на претседател на Собрание. При овој состав на парламентот за којшто Вие се интересирате, заради необезбеденото мнозинство во моментот за којшто Вие прашувате не можеше да се постигне договор околу последните две прашања. Нити околу составот за избор на Комисијата за прашања за избори и именувања, ниту околу кандидатот за претседател на Собранието.“

Сведокот Сања Угриновска Спасеновска на 02 декември 2020 год. го кажа следново, цитирам:

„На прашање на бранителот: Споменавте како Ваши работни обврски учество на координација. Дали се сеќавате дали била одржана координација со претставници на политичките  партии пред започнување на конститутивната седница на 30.12.2016 година и, ако се сеќавате дали може да ни кажете што се дискутирало или што се договорило на таа координација?

Сведокот одговори: Во почетокот на конститутивната седница на одржаната координација со претставниците на политичките партии со цел да се договори и утврди текот на конститутивната седница. На таа координација беше договорено дека нели конститутивната седница има 4 точки од коишто првите 2 точки, а тоа е избор на Верификациона комисија и втора точка верификација на мандатите, да завршат истиот ден и седницата да биде прекината и ќе биде продолжена во оној момент кога ќе се исполнат деловничките услови, односно кога ќе има предлог за формирање на Комисија за избори и именување, што е следно односно трета точка.“

Со материјални и вербални докази докажав дека на состанокот инсистирав да се постигне договор на сите точки од дневниот ред за да се заврши седницата како што треба. Но, од страна на претставникот од СДСМ, пратеникот Оливер Спасовски, и претставникот од ДУИ, пратеникот Талат Џафери, беше побарано да се прекине со втората точка верификација на мандат, а со третата точка да не се продолжи, додека не биде утврдено парламентарно мнозинство.

Сево ова го докажав со материјален доказ записник од 29 декември 2016 год., кој се изведе на главната расправа на 21 август 2020 год., цитирам дел од записникот: „Од страна на претставникот на СДСМ Оливер Спасовски беше искажан став дека формирањето на Комисијата треба да биде одложено до оној момент кога ќе биде утврдено новото парламентарно мнозинство и ќе биде во можност да дадат предлози на пратеници за членови на Комисијата, Присутните искажаа согласност со овој став. Претставникот на ДУИ г. Талат Џафери истакна дека не се согласува со утврдениот процент на застапеност на партиите според кој се утврдува колку членови и заменици ќе добијат во Комисијата за прашања на изборите и именувањата. Вељаноски констатираше дека конститутивната седница ќе продолжи со оваа точка во овој момент кога ќе се создадат деловнички можности односно кога ќе биде усогласен состав на Комисијата за прашања на изборите и именувањата на Собранието на Република Македонија.“

Со материјални и вербални докази презентирав факти и докажав дека утредента на 30 декември седницата имаше редовен тек по првата и втората точка, а по третата точка не можев да продолжам, бидејќи немав предлог за состав на Комисијата за прашања на избори и именувања, за којшто предлог мора, согласно со чл. 20 од Деловникот на Собранието, да биде потпишан од најмалку десет пратеници, при што ги задолжив овластените претставници на политичките партии што побргу да ми достават предлог за состав на Комисијата за прашања на избори и именувања, за да можам да ја продолжам Конститутивната седница.

Ова го докажав со материјален доказ стенографски белешки од 30 декември 2016 год. кој се изведе на главната расправа на 21 август 2020 год., цитирам дел од стенографските белешки: „Согласно со член 20 од Деловникот на Собранието на Република Македонија, Собранието на конститутивната седница по предлог на најмалку десет пратеници ја избира Комисијата за прашања на изборите и именувањата. До сега нема предлог од десет пратеници за Комисијата за избор и именување, имавме ние работна средба вчера веројатно им е потребно дополнително време, ги замолувам овластените претставници на коалициите на партиите во догледно време да се состанеме и да го утврдиме предлогот од десет пратеници за Комисијата за прашања на избори и именувања за да можеме понатаму да продолжиме со седница. Тука сум приморан да ја прекинам седницата, за продолжението на седницата дополнително ќе бидете известени штом се создадат деловнички можности за да може да продолжи со работа.“

а истото  го потврдија и сведоците и тоа:

Сведокот Талат Џафери на 08 октомври 2020 год.  го кажа следново, цитирам:

„На прашање на бранителот: Дали на 30.12.2016 година постоеја законски претпоставки и деловнички за продолжување на расправа по третата точка, односно дали имаше предлог за претседател, членови и заменици за Комисија за избори и именување?

Сведокот одговори: Не, немаше.

На прашање на бранителот: Во тие услови дали можеше тогашниот претседавач Трајко Велјановски да продолжи на 30.12 … со третата точка?

Сведокот одговори: Не, не можеше.“

Сведокот Антонио Милошоски на 06 ноември 2020 год. го кажа следново, цитирам:

„На прашање на бранителот: Конститутивната седница на 30.12.2016 година дали може да ни кажете тој ден колку точки беа поминати?

Сведокот одговори: Тој ден беа поминати точките коишто веќе ги споменав, две на број, согласно со Деловникот, седницата ја свикува и претседава  дотогашниот претседател на Собранието од претходниот мандат, тоа беше г-дин Трајко Велјановски и тие точки коишто ги поминавме на 30-ти декември беа избор на Комисија за верификација на мандати, и како втора точка Извештај на Комисијата за верификација на мандатите на пратениците којашто се случи. Да имаше според мене, она што го имам од досегашното Собрание како пракса, немаше услови да се продолжи во тој момент со третата точка, која е утврдена со Деловник, третата точка секогаш доаѓа изборот на Комисијата за избор и именување, но за да има услови таа точка да има на дневен ред, да се расправа и да се одлучи по истата, мора да постојат материјали, односно предлози од страна на политичките кандидати кои се предлог кандидатите од редот на пратениците, кои би биле членови на Комисијата за избори и именување. Бидејќи ние како пратеници не добивме вакви материјали и потоа стана јасно во дискусиите меѓу нас пратениците дека политичките партии немаат предложено свои кандидати за оваа комисија, немаше услови да се продолжи по расправа по оваа точка, којашто закономерно доаѓа како следна по редослед.

На прашање на бранителот: Дали можете да ни кажете колку време помина до моментот кога се исполнија услови за продолжување на расправата на конститутивната седница по третата точка?

Сведокот одговори: Условите за расправа по третата точка ние како пратеници добивме известување на 26ти март дека седницата продолжува на 27ми март по однос на третата точка од конститутивната седница, тоа значи дека имаше пауза помеѓу завршувањето на првиот условно речено ден од конститутивната седница од 30.12. од 27.03. полни три месеци и можам истото да го споредам со конституирањето на сегашното Собрание, каде што актуелниот претседател на Собранието Талат Џафери, исто така беше приморан да направи одредена временска пауза помеѓу втората и третата точка на дневниот ред, бидејќи не зависи од претседавачот на Собранието кога ќе се исполнат условите, туку зависи од политичките партии кои ќе предложат кандидати за членови на Комисијата за избори и менување, така што седницата продолжи на 27.03.2017 година.“

Истовремено, на таа седница согласно со чл. 10 став 1 од Деловникот како претседавач ги назначив пратениците Стојан Миланов и Јусуф Хасани како заменици претседавачи. За ова постои материјален доказ стенографски белешки од Конститутивната седница одржана на 30 декември 2016 година, кој се изведе на главната расправа на 21 август 2020 год., видеозаписот, како и сведок.

Сведокот Стојан Миланов на 18 септември 2020 год. го кажа следново, цитирам:

„На прашање на бранителот: Дали може да ни кажете дали имавте назначување со некое својство во текот на таа седница?

Сведокот одговори: Да, согласно на чл. 10 од Деловникот на таа конститутивна седница, претседавачот г-дин Трајко Велјановски, согласно со чл. 10 ст. 1 од Деловникот за работа, бев назначен за негов заменик по потреба за работата на Парламентот, освен мене колку се сеќавам, по Деловникот е кажано дека двајца треба да бидат заменици, освен мене, беше колку се сеќавам, колегата од турската партија Јусуф Хасани.“

Во текот на доказната постапка докажав дека пратеникот Зеќирија Ибрахими е заменик кординатор на пратеничката група БЕСА и тој допис беше доставен до мене како претседавач, којшто е архивиран во Собранието под арх. бр 08-327/1 од 23.01.2017 година.

Овој факт го докажав со материјалните докази допис за формирање на пратеничка група Беса, кој се изведе на главната расправа на 21 август 2020 год., а истото  го потврдија и сведоците и тоа: Африм Гаши, Фадил Зендели и Зекирија Ибрахими.

Во текот на доказната постапка докажав дека во јануари и во февруари и до средината на март не добив известување за продолжување на конститутивната седница, и дека од јануари до средината на март јас сум контактирал со претставниците на партиите за продолжување на седницата но тие ми викаа рано е, сè уште нема договор кога ќе има ќе известат, и дека јас не можев да продолжам со седницата додека немам официјален предлог за точките од дневен ред и за сево ова беше запознаена и јавноста.

Погрешно е тврдењето дека конститутивната седница траела 4 месеци, што не е точно, таа траеше 22 работни дена односно од 27 март 2017 год. до 27 април 2017 год.

Во текот на доказната постапка докажав дека за жал јас како претседавач на конститутивна седница ни во јануари, ни во месец февруари, сè до 17 март немав добиено никакво барање за продолжување на конститутивната седница и дека јас не можам да продолжам со конститутивната седница без да се исполни условот, а тоа е да се поднесе барање за состав на комисија. Дури на 17 март 2017 ми бил доставен допис од пратениците на СДСМ и коалицијата, од ДУИ, Алијанса за Албанците и БЕСА, за да се продолжи Конститутивната седница. Овие дописи се заведени во архивата на Собранието под арх. бр.08-783/1 од 17.03.2017 година. Би сакал да укажам дека и во 2020 година во овој парламентарен состав конститутивната седница се прекина по завршување на втората точка и продолжи после одредени денови откако се создадоа деловнички можности за продолжување на седницата што значи исто како во 2017 година, но со многу помал временски период.

Сево ова го докажав со материјален доказ допис – барање за продолжување на конститутивната седница од 17 март 2017, кој се изведе на главната расправа на 21 август 2020 год., а истото го потврдија и сведоците и тоа:

Сведокот Зоран Заев на 27 ноември 2020 год. го кажа следново, цитирам:

„На прашање на бранителот: Дали се сеќавате дека како пратеник сте потпишале барање за продолжување на таа конститутивна седница?

Сведокот одговори: Не се сеќавам дали сум потпишал барање за продолжување на конститутивната седница, но логиката ми кажува дека е возможно, заради тоа што секој пат со координација на сите пратенички групи се договараат кога да продолжат со работа седниците на парламентот, особено имајќи ги предвид христијанските, односно Божиќните празници во тој период, коишто се случуваат.

Сведокот откако изврши увид во предочениот доказ, одговори: Да, тоа  е мојот потпис.“

Сведокот Африм Гаши на 02 декември 2020 год. го кажа следново цитирам:

„На прашање на бранителот: Дали Вие како координатор на пратеничка група поднесувавте некои барања за продолжување и одржување на таа седница. Дали се сеќавате?

Сведокот одговори: Не се сеќавам точно, ако има нешто такво би ми текнало,  но сега во моментов не се сеќавам. Знам само дека на 27-ми април јас преку ден бев во Собранието, но попладне не можев да останам таму и обично петоците не се работеа, немаше продолжување на седницата и ние собравме потписи да се продолжи седницата и да работиме во петок. На тоа се сеќавам, но јас отидов од Собрание и мојот заменик координатор, он учествуваше на таа координација, јас не бев таму. Но знам дека собиравме потписи да продолжи седницата и утредента.“

Сведокот откако изврши увид во погоренаведените докази, изјави: „Се сеќавам на политичкиот контекст дека после 29ти – 30ти јануари, тогашниот мандатар не можеше да состави влада и ние веќе се организиравме како политичка партија да формираме ново мнозинство, насоките тогаш во Собрание беа како да се најде правен аспект и процедурален тоа мнозинство да биде и фактичко, но имаше проблеми на деловникот на седницата и траеше конститутивната седница. Затоа сигурно така било.“

Во текот на доказната постапка докажав дека одма сум постапил по барањето и сум закажал и одржал подготвителни состаноци и тоа на 21 март, 22 март и два состаноци на 23 март, а сè со цел да се постигне договор за состав на Комисијата за да можам да ја продолжам седницата. За сите подготвителни состаноци има записници од 21, 22, и 23 март 2017 година, кои се потпишани од страна на сите претставници на политичките партии.

Сево ова го докажав со материјалните докази записници од 21, 22, и 23 март 2017 год. кој се изведе на главната расправа на 21 август 2020 год., а истото  го потврдија и сведоците и тоа:

Сведокот Сања Угриновска Спасеновска на 02 декември 2020 год.  го кажа следново, цитирам:

„На прашање на бранителот: Дали пред тоа продолжение имаше и дали присуствувавте на координација?

Сведокот одговори: Да, секако присуствував и имаше неколку координации, не можам да кажам точно колкав број на координации тоа може да… записници што се водеа во Собранието, се одржаа повеќе координации на коишто претставниците на политичките партии застапени во новиот парламентарен состав разговараа во однос на новиот состав на Комисијата за избори и именувања и претседателот на Комисијата за избори и именување, односно на која политичка партија ќе припаднат колкав број на членови … и која од политичките партии ќе го добие претседателството со комисијата, кога беше постигнат договор во однос на членовите и претседателот на Комисијата беше формално исполнет условот да продолжи седницата затоа што има предлог во однос на третата точка имаше договор помеѓу политичките партии и предлог за состав и претседател на Комисијата.“

Во текот на доказната постапка докажав дека врз основа на тие четири подготвителни состаноци кои се одржаа на 21, 22 и 23 март 2017, се утврди и  достави предлог за состав на Комисијата врз основа на чл. 20 од  Деловникот, кој предлог е потпишан од 17 пратеници од различни партии и тоа од ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ, ДУИ, БЕСА и Алијанса за Албанците и истиот овој предлог е заверен во архивата на Собранието под арх. бр 08-830/1 од 23 март 2017 година, а по добивањето на Предлогот согласно со договорот на кординација го закажав продолжението на Конститутивната седница на 27 март 2017 година. Што значи почитуван Судски совет дека од 30.12.2016 год. до 27.03.2017 год. немало никаква основа за да продолжи конститутивната седница.

Сево ова го докажав со материјалните докази предлог за избор на Комисија со исправката како и предлог за избор на претседател на Собрание од 23 и 27 март 2017 год., кој се изведе на главната расправа на 21 август 2020 год.

Во текот на доказната постапка докажав дека согласно со постигнатиот договор на 27 март ја продолжив конститутивната седница по третата точка и за време на истата точка се пријавија над 40 пратеници за збор. Бидејќи беа пријавени голем број пратеници за збор, јасно беше дека седницата ќе трае поголем број денови. Сево ова се докажа и од сведокот и тоа:

Сведокот Талат Џафери на 08 октомври 2020 год. го кажа следново, цитирам:

„На прашање на бранителот: Кога продолжи конститутивната седница со второто заседание дали може да ни кажете дали се пријавија пратеници за дискусија и ориентационо малку или многу?

Сведокот одговори: Се пријавија според Деловникот пред да отпочне со расправа за одредена точка претседателот ги повикува пратениците да се пријават за збор, имаше пријавено пратеници за збор поголем број мислам дека преку 35 имаше пријавено за збор.“

Во текот на доказната постапка докажав дека со цел да се одблокира конститутивната седница, јас во меѓувреме одржав неколку координации со претставниците на политичките партии и тоа на 28 март, 29 март, 30 март, 31 март, 3 април и 5 април 2017 година и на истите координации барав и инсистирав да се постигне договор помеѓу претставниците на политичките партии за да се откажат од збор или од реплики и контрареплики, со цел да преминеме на четвртата точка, избор на претседател на Собранието. Но, за жал не се постигна договор помеѓу претставниците на политичките партии и седницата согласно со Деловникот мораше да продолжи по дневниот ред и пријавените за збор. Сево ова го докажав со материјалните докази записници од 28, 29, 30, 31 март и 3 и 5 април 2017 год., кој се изведе на главната расправа на 21 август 2020 год.

Во текот на доказната постапка докажав дека прв пат на 6 април 2017 година на седницата на Собранието имаше предлог по член 78 став 2 од Деловникот, од страна на пратеникот Оливер Спасовски и тоа на сред расправа по третата точка да се премине со расправата на четвртата точка, иако имаше пријавено за збор по третата точка, а овој предлог е спротивно на чл. 80 став 2 од Деловникот, во кој е стриктно наведено, цитирам: „Претресот трае сè додека не се исцрпи листата на пратеници кои се пријавиле за збор.“

Докажав дека овој предлог е спротивен на Деловникот и е апсурден, и одговорно тврдам како што го кажаа и сведоците Оливер Спасовски, Талат Џафери, Зоран Заев, Иван Стоиљковиќ, Илија Димовски, Антонио Милошоски, Владимир Ѓорчев и други поранешни и сегашни пратеници дека никогаш пред 27 април и после 27 април не е имплементиран ниту прифатен од кој било претседател на Собранието, затоа што како би било доколку, на пример, почитуван Судски совет, на среде изведување на доказите некој да побара од Судечкиов совет да се прејде на завршни зборови, па после да се навратиме на изведување на докази, дали би го прифатиле тој предлог.

Докажав дека за да се смири тензичната атмосфера,свикав координација на 6 април во 12,00 часот и на истата се постави и ова прашање кое е спротивно на чл. 80 став 2 од Деловникот, кое нешто на таа координација го укажаа и други претставници на политичките партии. По таа координација, се продолжи со Конститутивната седница согласно со редоследот на пријавени пратеници за збор. Во текот на тој ден свикав повторно нова координација и тоа во 16,30 часот каде пратениците Илија Димовски и Оливер Спасовски се договорија да остварат контакт за да ги приближат нивните ставови, со цел побрзо да се заврши со третата точка од дневниот ред. Седницата продолжи на 10 април и пред почетокот на истата одржав координација за да видиме дали ги приближиле своите ставови. Тие ме известија дека имале средба, но не се договориле за понатамошниот тек на Конститутивната седница, како и откажување од пријавените за процедурални забелешки и намалување на бројот на реплики и контрареплики.

Сево ова се докажа со материјалните докази и тоа записници од кординативни средби од 6 и 10 април 2017 год., кои се изведени на главната расправа на 21 август 2020 год., каде е наведено цитирам: „Претставникот на ВМРО-ДПМНЕ, Илија Димовски, истакна дека во петок имал кратка средба со претставникот на СДСМ, Оливер Спасовски, но не се договориле за текот на конститутивната седница и откажување од пријавените за процедурални забелешки и намалување на бројот на реплики и контрареплики.“

Докажав дека наредните денови продолжи Конститутивната седница по третата точка согласно со пријавените за збор сè до настанот на 27 април 2017 година. Тој ден како и другите денови се започна со седницата по третата точка од дневниот ред согласно со редоследот на пријавените пратеници за збор, реплики и контрареплики. Се докажа фактот дека некаде околу 13,00 часот пратеникот Зоран Заев на седницата зема процедурално и кажа, цитирам: „Ќе се носи одлука во оваа сала, ќе се носи одлука во некоја од другите сали на Собранието, во ходникот, на скалите, во амфитеатарот на Правниот факултет, во МАНУ”.

За мене најмеродавен фактор дали ќе дојде до изборот или не, е самиот монитор за пријавени пратеници за збор, реплики и контрареплики. Со оглед на тоа дека имаше многу пратеници пријавени за збор не ни очекував дека дента ќе дојде до избор.

Докажав дека после процедуралната забелешка од страна на тогашниот пратеник Зоран Заев јас неколку пати ги замолив пратениците да се откажат од збор, реплики и контрареплики за да може да се заврши седницата, но пратеници од ВМРО и други партии, но имаше и пратеници од СДСМ, Оливер Спасовски, Радмила Шеќеринска, Дамјан Манчевски, не ја прифатија молбата и не се откажаа, тоа е нивно деловничко право и јас не можам и не смеам да им го скратам тоа право.

Сево ова се докажа со исказ на сведоците и тоа:

Сведокот Талат Џафери на 08 октомври 2020 год.  го кажа следново, цитирам:

„На прашање на бранителот: Дали во текот на траењето на таа конститутивна седница слушнавте тогашниот претседавач г-дин Трајко Велјановски да побара од пријавените пратеници да се откажат од своја пријава?

Сведокот одговори: Укажувањето на претседавачот секогаш може да постои како можност да укаже на потребата за предвидливоста на седницата, да се откажат во неколку наврати има укажувано доколку можат пратениците да не го искористат тоа право, тоа не зависи од него и не може да го одземе тоа барање.“

Сведокот Антонио Милошоски на 06 ноември 2020 год. го кажа следново, цитирам:

„На прашање на бранителот: Дали во текот на продолженијата на конститутивната седница сте слушнале некој повик или апел од претседавачот кон пратениците?

Сведокот одговори: Она што можеше да се забележи од страна на тогашниот  претседавач г-дин Трајко Велјановски е дека често можеби после секој втор или трет дискутант упатуваше апели до сите политички партии на кои им  беше верификуван мандатот да се откажат од збор од правото на реплика или процедурално, со цел таа точка и ова продолжение да биде поефикасна и побрза, но напоменувам дека пратеникот има лично и деловничко право и слобода на одлучување дали ќе го искористи своето право на збор или ќе се откаже од истото. Најголемиот дел од пратениците кои беа пријавени за збор  или реплика останаа пријавени до крај на таа седница, со тоа што сакам да напоменам дека тоа не беа пратеници од само една политичка партија, туку за збор до крај пријавени на листата останаа пратеници од повеќе политички партии меѓу кои тогашниот пратеник Оливер Спасовски, тогашниот пратеник Дамјан Манчевски и тогашната пратеничка Радмила Шеќеринска, што значи дека апелите од тогашниот претседавач Трајко Велјановски кои одеа во насока пратениците да размислат или да се откажат од право на дискусија од реплика или процедурална интервенција не вродија со плод.“

Сведокот Ејуп Алими на 13 ноември 2020 год. го кажа следново цитирам:

„На прашање на бранителот: Дали вие како пратеник на таа конститутивна седница сте слушнале тогашниот претседавач г-дин Трајко Велјановски да упати апел или повик до пратениците да се откажат од правото на дискусија за да заврши побрзо таа седница?

Сведокот одговори: Не само тој ден, туку реално во секоја координација, бидејќи откако го именувавме сегашниот претседател на Собранието господин Талат Џафери од страна на претседавачот беше апелирано се сеќавам и во текот на координациите и ние како политички претставници и во координациите надвор каде бевме сите претставници на политички партии и имаше повик дајте да излеземе од оваа ситуација да се разбереме. Имавме обиди седнавме разговаравме, но имаше големи разлики во политичките цели на партиите ајде да излеземе од координација да се разбереме ние како координатори,… но како претставници на политичките партии неколку пати сме пробале на некој начин да излеземе од таа ситуациија и се координиравме секој имаше свој став го викнаа претседавачот кога имаше координација, предлагам немојте да ме ставите на ваква ситуација ти координатор на ДУИ, ти на ВМРО, ти на СДСМ, ти на Алијанса кој беше тогаш БЕСА, па и други помали политички партии, да излеземе од ова сме пробале ние поголемите политички партии да седнеме, нормално е тоа и не сме можеле да имаме договор освен тоа што било.“

 

 

Сведокот Зоран Заев на 27 ноември 2020 год. го кажа следново, цитирам:

„На прашање на бранителот: Дали се сеќавате на таа седница по Вашиот говор, г-динот Трајко Велјановски како претседавач да упати некој повик апел до пратеници за откажување од нивното пратеничко право и слично?

Сведокот одговори: Се сеќавам на седницата и не можам да изразам забелешка дека на некој пратеник му беше скратено деловничкото право да дискутира, да даде процедурално, да даде реплика, контрареплика и слично, не можам да се сетам на момент дека беше ускратено право на кој било од пратениците во таа постапка или процедура за конституирање на Собранието“.

Сведокот Африм Гаши на 02 декември 2020 год. го кажа следново, цитирам:

„На прашање на бранителот: Г-не Гаши како координатор сте присуствувале на повеќе координации, не само на 27-ми и на седниците на Собрание. Дали на тие координации или на седниците на Собрание сте слушнале тогашниот претседавач г-дин Трајко Велјановски да бара од претставниците на политичките партии при координации или од пратеници пријавени за дискусија да се откажат од таквото свое право. Дали вие лично сте слушнале нешто такво?

Сведокот одговори: Се сеќавам дека тогашниот претседавач на координации се држеше до деловникот и секогаш своите позиции како претседавач ги образложуваше со тоа дека тој сака да го почитува деловникот, позициите на ВМРО знаете тогаш Илија Димовски беше координатор и он ги бранеше тие позиции на политички кои ние сакаме да се премине во третата точка ВМРО  ги бранеше своите позиции, но претседателот-претседавачот тогаш сакаше да се држи до деловникот на тоа се сеќавам доста добро.“

Сведокот Сања Угриновска Спасеновска на 02 декември 2020 год. го кажа следново, цитирам:

„На прашање на бранителот: Дали при тие координации сте слушнале некои укажувања од претседавачот кон претставниците на политичките партии и ако имало дали може да ни кажете како?

Сведокот одговори: Координациите што се одржаа по продолжувањето на конститутивната седница помеѓу другите нели теми, меѓутоа основна тема беше големиот број на пријавени пратеници и за реплика, контрареплика и процедурални забелешки. На секоја од тие координации имаше укажување и барање од претседавачот на седницата до претставниците на политичките партии да разговараат пратениците од нивните коалиции или меѓусебно да се договорат дел од пратениците, односно пратениците да се откажат од реплики, процедурални забелешки, контрареплики итн., сè со цел да се најде начин да се заврши конститутивната седница. Верувам дека истово го имаат нотирано колегите во записниците што се водат од координациите.“

Дека сум повикувал пратениците да се откажат од збор, реплика и контрареплика го потврдија и голем број други сведоци кои се долгогодишни пратеници и тоа на главна расправа на 04 септември 2020 пратениците како сведоци Никола Мицевски, Крсто Јовановски, Трајчо Димков, Благица Ласовска, Магдалена Манаскова, Иван Иванов, Иван Стоиљковиќ, на главна расправа на 10 септември 2020 год., Зоран Илиоски, Слаѓана Митовска, Весна Пемова, Благоја Деспотовски, Весна Дамчевска Илиевска на главна расправа на 18 септември Стојан Миланов, Борис Змејковски, Нада Ципушева, Драган Цуклев, Павлинче Честојнова, на главна расправа на 06 ноември 2020, Љиљана Затуроска, на главна расправа на 13 ноември 2020 год. Влатко Ѓорчев, Ане Лашкоска, Дафина Стојановска,Реџаил Исмаили на главна расправа на 16 ноември 2020 год. Горан Манојловски, Љупчо Димовски, на главна расправа на 11 јануари 2021 год. кои наведоа дека јас како претседавач цело време сум ги повикувал пратениците да се откажат од збор, реплики, контрареплики, а сè со цел побргу да заврши конститутивната седница.

Докажав дека после 14,00 часот за време на паузата пратеникот Зоран Заев одржа прес во прес-салата на Собранието и истото јавно го повтори на пресот. Докажав дека тоа што го кажа пратеникот Зоран Заев јавно, со порака ме известија од службата во кабинетот, што е нивна редовна обврска и задача, за што сакам да напоменам дека таа порака се експлоатира без последните неколку збора, а тие се: „Вечерва имаат централен одбор и мислам дека утре ќе се обидат да го направат изборот“, со што јасно се кажува дека на 27 април не се очекуваше да се случи избор на ПСРМ и сите немили настани што следеа. Како што напоменав, пораката која ми е пратена од вработената Сања Угриновска Спасеновска, која јас само ја препратив до Никола Груевски од страна на Обвинителството е наведена во обвинителниот акт само дел од таа порака е нецелата содржина на порака а исто така сведокот Сања Угриновска Спасеновска во својот исказ кажа цитирам: „Видете јас како што напоменав на самиот почеток бев искрено задолжена за контакт со медиумите, се контактираше за редовната работа дека претседателот добил известувања редовни тековни за одржаните прес-конференции на пратеничките групи во прес-центарот во салата во Собранието, бидејќи најчесто веднаш после завршувањето на прес- конференцијата на претставници од некоја од пратеничките групи, новинарите бараа став во однос на прашањето што е предмет нели тематско на прес-конференција бараат став од претседателот, во однос на тоа исто така, тие прашања, теми кои се отвораат на прес-конференциите се однесуваат директно на работата на Собранието. Од тие причини претседателот бил и тековно информиран за одржаните прес конференции и што е кажано на прес-конференцијата. Тој ден јас му испратив на претседателот на Собранието како и вообичаено што сме правеле и претходно, известување од одржана прес-конференција во прес-центарот на Собранието, прес-коференција на којашто се одржа присуство на сите медиуми и ја слушна целата македонска јавност. Таа прес конференција беше на претседателот на СДСМ Зоран Заев и пораката беше еден краток сублимат на тоа што беше изнесено на прес-конференцијата и тоа беше една вообичаена комуникација, бидејќи пак ќе повторам тоа било моја работна задача и тоа било начин на кој сме комуницирале и претходно и за сите други прес–конференции, настани во прес-центарот на Собранието.“

Докажав дека таа иста порака само ја препратив, ни додадов ни одземав до пратеникот Никола Груевски, кој истовремено беше и претседател на ВМРО- ДПМНЕ, и тоа информативно односно нешто што целата јавност го знаеше од самиот прес.

Докажав дека по завршување на паузата, после 15,00 часот, седницата продолжи со редовен тек согласно со пријавените пратеници и во текот на седницата ме известија од службата дека има писмо односно барање потпишано од 31 пратеник од СДСМ, ДУИ, БЕСА и Алијанса за Албанците, со кое бараат продолжението на конститутивната седница да биде закажано за 28 април 2017 година, следниот ден петок, со почеток во 11,00 часот. Дописот е заведен во архивата на Собранието со арх. бр. 08-1079/1 од 27.04.2017 година. Ова ми даваше повод дека ќе има редовен тек седницата на 27 април.

Сево ова го докажав со материјален доказ допис барање од 31 пратеник од 27 април 2017 год , со кое бараат продолжението на конститутивната седница да биде закажано за 28 април 2017 година, следниот ден петок, со почеток во 11,00 часот кој се изведе на главната расправа на 21 август 2020 год , а истото го потврди и сведокот и тоа :

Сведокот Сања Угриновска Спасеновска на 02 декември 2020 год и го кажа следново, цитирам:

„На прашање на бранителот: Дали како шеф на кабинетот на претседателот или претседавач тогаш Трајко Велјановски запознаени со доставените дописи до претседателот на Собранието?

Сведокот одговори: Да, значи секој допис што се доставува до претседателот на Собранието се доставува до архивата на Собранието, истиот се архивира и .се доставува до кабинетот на претседателот, доколку е претседателот во кабинет нема некоја обврска да речеме ….  т.н. странка истиот се доставува веднаш. Доколку претседателот на пример на пленарна седница во тој случај доколку дописот, барање е преургентен или се однесува на текот на самата пленарна седница, истиот допис се доставува до претседателот во салата на пленарната седница преку службите на Собранието, така што и тој ден се постапило на вообичаен начин како што сме постапувале. Тој ден имаше барање од пратеници, група на пратеници пленарната седница да продолжи следниот ден, следниот ден беше петок, петок не секогаш има седници, затоа што петок е определен како ден за контакти со граѓаните, од тие причини имаше барање од група пратеници седницата да продолжи следниот ден, истото барање преку службата беше доставено до претседателот во сала за пленарни седници.“

Дека е потпишано барање допис за 28 април го потврдија и голем број на други сведоци кои се пратеници и тоа, Теута Биљали од Беса, Зекирија Ибраими од Беса, Реџаил Исмаили од ДУИ на главната расправа на 13.11.2020, Петар Атанасов од СДСМ, Фадил Зендели од Беса, Алија Камберовски од ПЕИ на главната расправа на 16.11.2020, Татјана Прентовиќ, Коста Јаневски, Диме Велковски од СДСМ, Јулијана Николова од ЛДП на главната расправа на 23.11.2020.

Докажав дека некаде околу 16,00 часот добив препратена порака од Никола Груевски, којашто тој ја добил од Панче Кралев, и дека оваа порака за мене немаше никакво значење бидејќи:

-Прво имаше пријавено голем број пратеници за збор, реплики и контра-реплики на мониторот.

-Второ, веќе го имав добиено дописот односно барањето од 31 пратеник за продолжување на конститутивната седница за наредниот ден на 28 април.

И сето тоа наведуваше на несериозноста на содржината на препратената порака.

Докажав дека некаде околу 17,10 дадов кратка пауза од 5 минути и ги повикав претставниците на политичките партии на кратка координација во сала на Влада, и таа траеше до 17,25. На таа кратка координација дојдоа пратениците Оливер Спасовски, Илија Димовски, Весел Мемеди, Зекирија Ибраими. На таа пауза побарав заеднички да одлучиме да ја продолжиме седницата за наредниот ден согласно со дописот односно барањето потпишано од 31 пратеник. Заеднички, повторувам заеднички сите одлучивме седницата којашто ќе трае до 18,00 часот да продолжи наредниот ден на 28 април, согласно со барањето од 31 пратеник.

Сево ова се докажа и со исказ на сведоците и тоа :

Сведокот Илија Димовски на 10 септември 2020 год. и го кажа следново, цитирам:

„На прашање на бранителот: Дали може да ни појасните што, дали видовте нешто и што ви беше презентирано на последната координација?

Сведокот одговори: Дента сè наликуваше дека тој ден ќе биде ист како неколкуте претходни денови. И дека ќе заврши во рамки како завршија претходните денови, посебно после еден допис од колегите пратеници од СДСМ повеќе на број не памтам колку точно, но повеќе, со којшто побараа дента седницата да биде завршена и да биде продолжението утредента на 28ми. Тогаш бевме повикани на една координација – средба, не беше во кабинетот на претседавачот, мислам беше во некоја од помалите сали дали Охридска, дали Сала на Влада, ни беше предочен дописот, беше потврден од претставникот на СДСМ и со тоа заврши практично и координацијата со впечаток заеднички заклучок дека дента ќе заврши седницата во 18 часот, како и претходните денови и следниот ден ќе продолжиме со работа и со обид да изнајдеме излез од таквата ситуација.

Овој договор во сведочењето го потврди и сведокот предложен од Обвинителството, Весел Мемеди, на главна расправа на 15 мај 2020 год., цитирам: „Да кажав и прееска дека и во тој состанок во сала на владата се договоривме да продолжиме со седницата и утрешниот ден, значи петок.“

Истото го потврди и сведокот Зекирија Ибраими на главна расправа на ден 13 ноември 2020 год цитирам: „Таму се одлучи дека треба да има пленарна седница и во петок.“

Дека е договорено да продолжи на 28 април го потврдија и голем број на други сведоци кои се долгогодишни пратеници и тоа на главна расправа на 04 септември 2020 пратениците како сведоци Никола Мицевски, Трајчо Димков, Благица Ласовска, Магдалена Манаскова, Иван Иванов, на главна расправа на 10 септември 2020 год. Зоран Илиоски, Слаѓана Митовска,  Благоја Деспотовски, на главна расправа на 18 септември Стојан Миланов,  Павлинче Честојнова, на главна расправа на 06 ноември 2020, Антонио Милошоски, Љиљана Затуроска, на главна расправа на 13 ноември 2020 год Влатко Ѓорчев, Ане Лашкоска, на главна расправа на 16 ноември 2020 год  Љупчо Димовски, кои истакнаа дека биле информирани за продолжување на седницата на 28 април согласно со барањето потпишано од 31 пратеник и согласно со постигнатиот договор на кординација, а во 18,00 часот по прекин на седницата слушнале дека претседавачот закажал продолжување на седницата за утредента односно 28 април во 11,00 часот.

Докажав дека по таа кратка пауза се вратив за да ја продолжам седницата и таа продолжи со редовен тек. После некои десетина минути откако продолжи седницата се јави за процедурално пратеникот Оливер Спасовски, кој побара согласно со член 78 став 2 од Деловникот да се стави предлогот за гласање за да се прекине третата точка и да се продолжи со четвртата точка, иако третата точка не е завршена. Докажав дека на овој предлог процедурално реагираше пратеникот Илија Димовски дека ваквиот предлог е спротивен на член 80 став 2 од Деловникот. После Илија Димовски, пријавени за процедурално и земаа процедурална забелешка првин Крсто Мукоски, после него Антонио Милошески, после него Зоран Илиоски, после него Влатко Ѓорчев, а после него процедурално зема пратеникот Зеќирија Ибрахими, кој истовремено е заменик кординатор на пратеничката група БЕСА.

Сево ова го докажав со материјалните докази стенографски белешки од 27 април и презентираното видео од седницата од 27 април, кој се изведе на главната расправа на 26 август 2020 год , а истото го потврдија и сведоците.

(продолжува утре)