Пратениците од понеделник по летниот одмор започнуваат со своите вообичаени активности во Собранието.
Во текот на следната недела се очекува да бидат соопштени и информации за тоа дали и како на пратениците и пратеничките групи ќе учествуваат во јавната пропаганда за референдумот, но и тоа дали Собранието, како овластен предлагач, со свои претставници ќе ја набљудува работата на изборните органи што ќе го спроведуваат референдумот на 30 септември.
Во понеделник на 20 август на собраниската веб-страна веќе е закажана седница на Комисија за економски прашања, а за 29 август, пак, 58. пленарна седница. До средината на неделата се очекува и првата координативна средба на спикерот Талат Џафери со координаторите на пратеничките групи.
На дневен ред на Комисијата за економски прашања е Годишниот извештај за Комисијата за заштита на конкуренцијата 2017 година.
Засега за 58. собраниска седница на дневен ред се ставени 19 точки, претежно измени на закони во прво читање.
На последната средба со новинарите на 31 јули претседателот на Собранието Џафери кажа дека после одморите треба да се очекува, Собранието да ги избере членовите на неколку второстепени комисии кои останаа без своите први луѓе по нивното разрешување, но исто така да биде избран и директор на ОТА.
Во септември се очекува да финализираат измени на Деловникот на Собранието на Република Македонија на средба во рамки на Жан Моне процесот на која треба да присуствуваат и тројцата европратеници.