Русија почна да ги повлекува војниците распоредени на југот и западот на земјата, во близина на границата со Украина, назад во нивните постојани бази, соопшти Министерството за одбрана, без да даде точен број на повлечените сили, јави ДПА.
– Додека мерките за борбена обука се при крај, војниците, како и секогаш, ќе спроведат комбинирани маршеви до нивните постојани гарнизони, рече портпаролот на Министерството за одбрана Игор Конашенков.
– Единиците од јужниот и западниот воен округ кои ги исполнија своите задачи веќе почнаа да товарат опрема на железничките и автотранспортните средства, но и персонал, и денеска ќе почнат да се упатуваат кон нивните воени гарнизони“, појасни портпаролот..
Распоредувањето на војниците предизвика тензии меѓу Западот и Русија, кои дојдоа до ниво што не беше забележано од Студената војна. Москва соопшти дека нејзините војници учествувале само во легални воени вежби.
Но, демонстрацијата на сила ги поттикна стравувањата на Западот дека Русија подготвува инвазија на Украина со оглед на тоа што распореди над 100.000 руски војници во близина на границата со таа земја. Кремљ во повеќе наврати ги негираше таквите тврдења.
Портпаролката на руското МНР, Марија Захарова денеска на социјалните мрежи денеска напиша: „15 февруари 2020 година ќе влезе во историјата како ден кога пропадна западната воена пропаганда. Беа обесчестени и уништени без ниту еден испукан куршум“.
Објавена е и снимка од враќањето на тенковите во базата, за кои Русија тврди дека се доказ за повлекување на руската армија.
Вчера Си-Ен-Ен објави дека Русија на 16 февруари, односно утре, ќе почне инвазија врз Украина. По тој повод, вчера и претседателот на Украина, Володимир Зеленски, објави дека земјата се подготвува за утрешниот напад од Русија.
Зеленски вчера ги повика државните претставници, политичарите и бизнисмените кои неодамна ја напуштија државата да се вратат во Украина во рок од 24 часа и да покажат единство со нацијата поради стравувањата од руска инвазија.
– Ваша директна должност е во таква ситуација да бидете со нас, со украинскиот народ. Ви предлагам да се вратите во својата татковина во рок од 24 часа и да застанете рамо до рамо со украинската армија, нашата дипломатија и нашиот народ, рече Зеленски во видео обраќање.
Украинските медиуми објавија дека некои пратеници и водечки бизнисмени ја напуштиле земјата минатиот викенд, откако САД, Велика Британија и други западни земји ги советувале своите граѓани итно да ја напуштат Украина.
– Вратете се кај вашиот народ и вашата земја, која беше извор на вашите фабрики и богатство, нагласи Зеленски.