Го поздравувам усвојувањето на повеќе реформски закони, вклучително и Законот за јавно обвинителство. Нивната имплементација треба да го зајакне владеењето на правото и ќе овозможат подобра професионализација и ефикасност на судството за добробит на граѓаните на С. Македонија, објави денеска евроамбасадорот во земјава Самуел Жбогар во пишана изјава.
Евроамбасадорот, во пишаната изјава, наведува дека поздравува фактот што Собранието пред да се распушти поради закажаните избори на 12 април, ги донесе и Законот за Советот за јавни обвинители и Законот за управување со движењето на предметите во судовите.
Овие закони, заедно со Законот за лицата без регулиран граѓански статус, и Изборниот законик, кореспондираат со препораките на Извештајот на ЕУ за земјава и ја потврдуваат заложбата на Македонија да продолжи по патот на интеграцијата во Европската Унија, наведува Жбогар.