Комисијата за утврдување на дисциплинска одговорност при Јавното обвинителство на Република Македонија утврди дека поранешната основна јавна обвинителка на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција Вилма Русковска е одговорна за сторена тешка дисциплинска повреда од член 91 алинеја 6 од Законот за Јавното обвинителство и одлучи да поднесе предлог за нејзино разрешување до Советот на јавните обвинители, се вели во соопштението на Јавното обвинителство на Република Македонија.
По спроведената дисциплинска постапка против три јавни обвинителки и разгледување на извештајот на обвинителот-известител Комисијата за утврдување на дисциплинска одговорност на јавен обвинител во вршење на јавнообвинителската функција при ЈОРСМ, донесе решение со кое:
– За поранешна основна јавна обвинителка на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција е утврдено дека е одговорна за сторена тешка дисциплинска повреда од член 91 алинеја 6 од Законот за Јавното обвинителство и Комисијата одлучи да поднесе предлог за нејзино разрешување до Советот на јавните обвинители.
– За една јавна обвинителка од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, за утврдена тешка дисциплинска повреда е изречена дисциплинска мерка – намалување на месечна плата во висина од 30% од исплатената нето плата во траење од 6 месеци.
– За една јавна обвинителка Комисијата одлучи да ја ослободи од одговорност, бидејќи не се докажа дека сторила тешка дисциплинска повреда од член 91 алинеја 6 од Законот за јавното обвинителство.
Против Решението на Комисијата, како што информираат од ЈОРСМ, незадоволните страни имаат право на жалба пред Советот на јавните обвинители.
Во март годинава, обвинителките Вилма Русковска, Ивана Трајчева и Елизабета Јосифоска, беа сослушани во рамки на дисциплинската постапка поведена против нив, а поврзана со претресот во Управата за финансиска полиција.
Поранешната шефица на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) Вилма Русковска, е суспендирана, а паралелно против трите обвинителки се води и истрага по кривичната пријава на екс директорот на Управата за финансиска полиција, Арафат Муареми.
Предлогот да се поведе дисциплинска постапка го даде републичкиот обвинител Љубомир Јовески, кој дополнително ја суспендира Русковска и од работа.
Претресот во Управата за финансиска полиција од страна на ОЈО ГОКК беше извршен 18 јули минатата година, стои во соопштението на Јавното обвинителство на Република Македонија.