Владата донела тивка одлука, која веќе е објавена и во Службен весник, со што е прескокната клучната препрека за експлоатација во рудникот Иловица – Штука, објавија екологистите од здружението Здрава котлина.
– Почитувани, Владата донела тивка одлука што денес е објавена во Службен Весник на Република Македонија бр. 141 од 04. 07. 2023 со која се спојуваат концесиите за рудникот „Иловица-Штука“ и што беше клучна и најголема препрека за добивање на дозвола за експлоатација! „Еколог“ е помоќен од нашето државно судство, а ова спојување го докажа тоа. Тоа што го бараше „Еуромакс Ресурси“ со години назад исто како и што 12-те пресуди на Управен суд и Виш управен суд го бараа, што досега никој не се дрзна да има даде, сега монтираниот премиер Таче им дозволи да ги спојат концесиите, но секако со посредство на ДУИ, откако Назиф Дестани вложи милиони евра за 25% од акциите во „Еуромакс Ресурси“! Затоа ли пред неколку месеци се сретнале фамилиите Дестани и Заев? По која средба, тешко корумпираното судство донесе одлуки спротивни на сите претходни, а за прв пат Владата не се жалеше, туку си ги прифати без збор!- пишува во објавата.
За она што гласно говореа дека нема да се случи, се додава во објавата на Здрава котлина, сепак еве, на очи на целата македонска јавност – се случува! После сите скриени тајни и јавни ветувања, правниот ефект е ова денес што читате во службен весник!
– Како и да е, со ова денес, конечно е завршено со кредибилитетот на оваа Влада во Југоисточна Македонија, а особено во Струмица! Во очите на Струмица и Струмичко актуелните политички елити на власт сте резил и државен непријател, па така и ќе се однесуваме со вас! Политичките елити и судството се канцерот на Македонија и време е да направиме рез! Истовремено најавуваме дека народот активно ќе се мобилизира и ќе се самоорганизираме да делуваме на секаков можен начин! Никогаш нема да дозволиме никаков рудник никому!- се вели во објавата на Фејсбук.
Екологистите на крајот порачуваат:
– И ние имаме чизми на таван! Многу чизми што многу време не се извадени… Време е за народна буна! Рудник нема да има!