Кина испрати војска и илјадници здравствени работници во Шангај, со цел да помогнат во спроведувањето тестови за Ковид-19 за сите 26 милиони жители на градот. Денеска повторно е забележан пораст на бројот на заразени со коронавирус.
Над 2.000 лица – медицински персонал од војската, морнарицата и заедничките сили за логистичка поддршка на Шангај, беа испратени во текот на вчерашниот ден, според армискиот весник.
Повеќе од 10.000 здравствени работници од провинции како Џиангсу, Жеџијанг и Пекинг, исто така пристигнаа на помош во Шангај, јавија државните медиуми.
Како што пренесуваат медиумите, жители во пижами стоеле во редици, на оддалеченост од два метри еден од друг, чекајќи да бидат тестирани.
Шангај пренамени повеќе болници, гимназии, станбени блокови, како и други простории, во централни места за карантин, вклучувајќи го и Shanghai New International Expo Center, каде може да се сместат 15.000 пациенти.