Натпревар за млади вина организира Здружението на македонски енолози во Кавадарци, стручни лица денеска реализираа дегустација на црвени, бели и розе вина од последната преработка на грозје.
– Со задоволство можеме да информираме дека годинава ни пристигнаа рекордни околу 300 мостри од индивидуални производители и семејни винарии. Ова е осма година по ред како го организираме натпреварот. Целта е да се оцени квалитетот на вината од последниот гроздобер. Истовремено, да се види каков е потенцијалот на вината што ќе бидат уште поквалитетни, кога ќе „отспијат“ и созреат, рекоа од комисијата за дегустација и оценување.
Од Здружението на винари од Македонија, нагласија дека од година во година расте квалитетот на вината што пристигнуваат на натпреварот.
– Тоа значи дека винарите, ја почитуваат традицијата на винопроизводство во нивните семејства, но во исто време и дополнително се едуцираат и бараат совети од стручни лица. На овие простори отсекогаш се произведувала квалитетна божествена течност. Сепак, радува фактот што преработувачите на грозје, од реколта во реколта, кон неговото височество, виното, пристапуваат со зголемени љубов, внимание, трпение и посветеност, децидни беа од Здружението за МИА.