Државната компанија Македонски железници Транспорт утрово остана без струја поради милионскиот долг кон ЕВН кој им го исклучи снабдувањето со струја. Долгот е околу 6,5 милиони евра. Возовите сообраќаа, но без напојување останаа депото во Лисиче, Скопје и објекти во Велес. Струјата беше вклучена откако на адреса на ЕВН пристигнаа гаранциите од Владата, дека милионскиот долг ќе се подмири.

„ МЖ Транспорт е повторно приклучен, меѓутоа рокот за снабдување преку ЕВН Хоме како краен снабдувач е изминат. Токму затоа, МЖ Транспорт во моментот нема снабдувач за електрична енергија и директно повлекува електрична енергија од енергетскиот систем, а со тоа предизвикува дисбаланс во системот на МЕПСО“, соопштија од ЕВН.

Предупредувачко исклучување имаше и на Градскито трговски центар во Скопје но откако со упрвата се постигна договор, ЕВН повторно ја вклучи струјата.

Владата соопшти дека пари за подмирување на долговите на државните компании се обезбедни од Буџетот но тие допрва треба да добијат дозвола од Собранието.

Вицепремиерот Битиќи е изненаден од потегот на ЕВН и за него е доволно што владата гарантира.

„ Владата не е ниту договорна, ниту облигациска страна кон ЕВН и ако ЕВН не сфаќа дека Владата не е тука страна која дава гаранции, тогаш ЕВН има навистина проблем со толкување на нивното функционирање во нашата држава. Премиерот, вицепремиерот и министерот за финансии кажаа дека ќе се платат долгови кон ЕВН и тоа е сосема доволно за било кој економски оператор да сфати дека тоа е Влада и држава и оти не треба никакви други гаранции“, рече вицепремиерот Битиќи.