Превозниците на патници засега не ги поскапеа цените на превозот, но за в понеделник имаат закажано состанок на кој ќе бидат донесени заклучоци како ќе делуваат понатаму, информира во изјава за МИА, Јован Матеничарски, претседател на Здружението на превозници Транспорт Легис.

Според Матеничарски, најавените мерки од Владата нема многу да им помогнат на превозниците, кои, како што вели, нема да можат да ги следат цените на горивото и нивната промена на дневно ниво и да вршат постојани промени на цените на услугите.

– Уште поголем проблем овие денови е и намалувањето на бројот на патниците, изјави Матеничарски.

Превозот на патници, укажува тој, е една од најпогодените гранки во државата уште од почетокот на здравствената криза.

– Последните две години Ковид-кризата го уништи превозот со редуцирањето на бројот на патници и на линиите кое беше неопходно поради намалувањето на патниците а трошоците кои ги прават превозниците се секојдневни. Имаше случаи во автобус да нема ниту еден патник, а трошокот за гориво, патарини и другите трошоци за возачите и амортизацијата на возилото мораше да се покријат. Во врска со сегашната ситуација со зголемувањето на цената на горивото, превозниците се во уште понезавидно ниво, бидејќи промената на цените на дневно ниво неможе да се следи и со промена на цените на превозот, рече Матеничарски, посочувајќи дека за евентуална промена на цените на билетите треба да бидат известени автобуските станици, како и патниците.

Според него, уште поголем проблем претставува превозот на учениците и припадниците на Армијата бидејќи, како што посочува, постапките за јавни набавки беа спроведени во времето кога цената на нафтата беше 49 денари по литар, а сега во моментот е двојно поголема со тенденција за зголемување.

– Договорите со општините и училиштата не може да се променат, така што превозниците се доведени во ситуација да не можат да го покријат ниту горивото по цените кои се во склучените договори. Донесените мерки од Владата нема многу да помогнат на превозниците, бидејќи како што наведов тие цени на горивото и промената на дневно ниво превозниците нема да бидат во можност да ги следат, а намалувањето на бројот на патниците овие денови е уште поголем проблем. Засега се уште превозниците не ги поскапеа цените на превозот. За во понеделник имаме закажано состанок па ќе бидат донесени заклуцоци како понатаму, изјави Матеничарски.

Тој потсетува дека со години наназад се соочуваат и со конкуренција од дивите превозници, како и со обезбедување професионални возачи поради ислеувањето од државата и ангажманите на наши возачи во европските земји заработуваат многу повеќе.

Здружението Транспорт Легис брои 30 членки кои се занимаваат со превоз на патници. Вкупно имаат околу 1000 вработени, но, како што вели Матеничарски, бројката секојдневно се менува и се намалува.

Транспорт Легис е дел од Стопанската интересна заедница за патен транспорт Македонија сообраќај АМЕРИТ, од каде вчера побараа итна средба со Владата поради растот на цената на нафтата на која ќе бидат договорени конкретни мерки за ублажување на ударот од кризата кај транспортерите. Оттаму предупредија  дека поради големото учество на горивото во цената на транспортот и неизвесноста за транспортерите по најавата дека секојдневно ќе има нова цена, ќе бидат принудени да го прекинат превозот на стока и на патници, како и да ги повикаат своите членки на масовни протести до наоѓање решение.

Поради растот на цените на енергенсите претходно и од транспортната асоција МАКАМ-ТРАНС доставија барања за поддршка од државата за субвенции на литар гориво по примерот на одредени држави од ЕУ  и враќање на дел од акцизата пресметана во горивата за комерцијалните превози.

Поради рекордниот раст на сите нафтени деривати на светските берзи од РКЕ завчера најавија дека ќе носат одлуки на дневно ниво доколку има потреба.