Генералниот секретар на СДСМ Миле Зечевиќ и партискиот секретар за меѓународна соработка Бојан Маричиќ имаа разговори со нивните колеги Алим Рама генерален секретар на Самоопределување и Хајрула Чеку секретар за меѓународна соработка, објабува ТВ 21.
Во кусото соопштение не се открива дали се разговарало за најавата на Курти дека Самоопределување ќе учествува на изборите во Македонија преку листите на албанската опозиција, што се толкува како директно мешање во внатрешните работи на земјава.
„Взаемно беше истакната заложбата за продлабочување на соработката меѓу партиите во рамките на Партијата на европските социјалисти, откако Самоопределување стана придружна членка, но и помеѓу политичките подмладоци. Заеднички е потврдено дека европски вредности и дијалог за сите прашања се исклучително важни за државите во целиот регион“, вели СДСМ.
И додека СДСМ беше во Приштина, лидерите на партиите на коалицијата Европски сојуза за промени Африм Гаши, Биљал Касами и Изет Меџити се во Соединетите Американски Држави.
А таму е и Беким Ќоку, советникот на косовскиот премиер Курти за Македонија. Тие имале средба со конгресменот Џим Хајмс и со сенаторката Џони Ернст копретседателката на групата за албански прашања на Американскиот сенат. Но и од овие средби нема конкретна информација дали се разговарало за учеството на партијата на Курти на изборите во земјава.
Претседателот на Демократското движење Изет Меџити на својот фејсбук профил напиша дека главна тема на разговорите било забрзувањето на интеграцијата на земјава во ЕУ.
„Лидерите на Европскиот сојуз ја уверија сенаторката Ернст дека оваа коалиција ќе биде најсериозниот и единствен фактор кој ќе овозможи интеграција на земјата во ЕУ, со што ќе се промени статус-квото инсталирано во последните дваесет години“, напиша Изет Меџити.
Иако претходно лидерот на ДУИ Али Ахмети го нарече мешање во внатрешните работи на земјава најавата за учество на партијата на Курти на изборите во земјава вчера министерот за надворешни работи Бујар Османи рече дека ова не е ништо ново бидејќи такви обиди имало и порано и тоа нема директно да влијае на политичката сцена.