Првата дама на Украина Олена Зеленска денеска за првпат се огласи од почетокот на руската инвазија врз Украина.

Таа рече дека руската инвазија пред нешто повеќе од една недела била неверојатна, нешто во што не било можно да се верува, а потоа на 24 февруари во земјата влегле тенкови, авиони и војска.

– Најстрашна е смртта на толку многу деца, напиша Зеленска.

Таа подвлече дека деца и жени од Украина сега живеат затворени во засолништа и подруми.

– За други тоа може да бидат само последици од војната, но за Украина сега е ужасна реалност. Војната против овие невини луѓе е двојно злосторство, напиша Зеленска на својот Фејсбук профил.

– Агресорот Путин мислеше дека ќе спроведе блицкриг врз Украина, но ги потцени земјата, народот и нивниот патриотизам. Украинците, без разлика на идеологијата, јазикот, верувањата и националноста, се обединети, рече таа додавајќи дека Русите мислеле дека ќе бидат дочекани со цвеќе како спасители, а добиле молотови коктели.

Таа им се заблагодари на сите што помагаат и ги повика медиумите да следат се бидејќи, како што вели, секој доказ е клучен.

– Ова му го кажувам на светот. Војната во Украина не е војна таму некаде. Ова е војна во Европа, во близина на границите на ЕУ. Украина ја запира силата која утре може да влезе во вашите градови под изговор дека ќе спасува цивили. Украинците нема да се откажат и покрај сите овие ужаси, истакна Зеленска.

– Не знаеме колку време ќе потрае, но ако не го спречиме Путин, кој се заканува со нуклеарна војна, нема да има безбедно место на земјата за нас. Ќе победиме. Поради единството. Поради љубовта кон Украина“, заклучи првата дама на Украина.