Речиси четири милиони луѓе се погодени од прекините на електричната енергија наметнати по неодамнешните руски напади врз енергетската инфраструктура на Украина, изјави украинскиот претседател Володимир Зеленски.
-Во многу градови и области на нашата земја воведени се прекини на струја со цел да се стабилизира состојбата, рече украинскиот претседател во своето редовно ноќно обраќање до сонародниците.
„Речиси четири милиони Украинци во моментов се соочуваат со овие ограничувања“, додаде тој.
Украинскиот приватен оператор ДТЕК денеска соопшти дека се планираат невидени рестрикции на електричната енергија во регионот на Киев поради големите штети што му се нанесени на украинскиот енергетски систем во неодамнешните руски удари.