Долгоочекуваната воена офанзива на Украина е „тешка“, но „напредува“, изјави претседателот на Украина Володимир Зеленски, откако неговата администрација објави дека повторно освоила од руските сили најмалку седум села.
– Битките се тешки, но напредуваме и тоа е многу важно, рече украинскиот претседател во своето обраќање. – Непријателските загуби се токму на нивото што ни треба, додаде тој. – Времето не ни оди во прилог, дождот ни ја отежнува задачата, но силата на нашите војници дава добри резултати, прецизира Зеленски, поздравувајќи го враќањето на украинското знаме во „новоослободените области“.
Претходно во текот на вчерашниот ден, украинската влада соопшти дека од овој викенд презела седум села на југот и на истокот на земјата.
Вчера попладне, украинската армија исто така информира дека напредувала во регионот Бахмут. „Украинските војници напредуваа од 250 до 700 метри во правец на Бахмут“, соопшти Министерството за одбрана.
Москва, од своја страна, тврди дека ги одбила украинските напади во областа Доњецк, во близина на Велика Новосилка, како и во близина на селото Левадна, во близина на Запорожје. Тие тврдења од Москва и Киев не можеа да бидат независно проверени.
Според воените аналитичари, Украина се уште не го мобилизирала најголемиот дел од своите сили во големата контраофанзива. Во моментов се уште го тестира предниот дел со насочени напади за да ги утврди слабите точки.
Францускиот претседател Емануел Макрон потврди во Париз дека украинската контраофанзива започнала, оценувајќи дека таа ќе трае „неколку недели, па и месеци“.