Украинскиот претседател Володимир Зеленски се залага сите оние кои ја планирале, одобриле и извршиле руската инвазија врз Украина да одговараат пред меѓународниот суд.
-Ќе го растуриме целиот руски геноциден систем, од запчаниците до архитектите, и ќе ги изведеме пред лицето на правдата, рече Зеленски во своето секојдневно видео обраќање по средбата со главниот обвинител на Меѓународниот кривичен суд (МКС), Карим Кан, во Киев.
Украинскиот претседател кажа дека „одговорот на руските злосторства во оваа агресија во смисла на владеење на правото и со моќта на меѓународниот суд е тоа што ќе послужи како една од гаранциите за долгорочната безбедност на Украинците и другите народи во иднината.”
-Руската инвазија врз Украина треба да има правни последици за сите оние кои ја планирале, одобриле и извршиле, рече Зеленски и нагласи дека не само оние кои ги извршиле плановите, туку дека треба да се истражи и „врвот на политичкото и военото раководство на терористичката држава “.
Кан веќе ја истражува ситуацијата во Украина. Истрагите опфаќаат воени злосторства, злосторства против човештвото и геноцид. Но, МКС не може да преземе мерки против руското раководство, вклучително и претседателот Владимир Путин, бидејќи, ниту Русија, ниту Украина, не се потписници на Римскиот статут, што е правна основа на судот.
Ова е една од причините зошто Зеленски во септември, на Генералното собрание на ОН, побара формирање Специјален суд за злосторствата во Украина.