Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека Унгарија ја отфрлила понудата на Хрватска за испорака на нафта бидејќи не ѝ се допаѓала цената.
Зеленски рече дека бил свесен за фактот дека Хрватска ѝ понудила на Унгарија потребни количества нафта, но дека унгарската Влада го отфрлила тој предлог, пишува Укринформ.
„Се сретнав со хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ. Тој ми потврди дека Хрватска е подготвена да ги обезбеди потребните годишни количества нафта за Словачка и Унгарија. Тој рече дека Орбан едноставно не сака да ја купи таа нафта“, рече Зеленски како одговор на прашањата од новинарите.
Според него, причината е чисто финансиска. „Тука зборуваме за европската цена, а таму зборуваме за руската цена. Тоа е сè. Со други зборови, некој заработува од тоа. Јасно е кој“, додаде украинскиот претседател.
Оваа изјава доаѓа во време на зголемени тензии меѓу Киев и Будимпешта околу нафтоводот „Дружба“, клучен за снабдувањето на Унгарија, кој беше оштетен во руските напади.




