Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави денеска дека Киев нема желба да разговара со рускиот претседател Владимир Путин, но ќе мора да се соочи со реалноста дека тоа најверојатно ќе биде неопходно за да се стави крај на војната.
– Постојат работи за кои треба да се разговара со рускиот лидер. Не велам дека нашиот народ има желба да разговара со Путин, но мораме да се соочиме со реалноста низ што минуваме сите заедно, истакна Зеленски за време на своето обраќање пред индонезиските интелектуалци.
Тој нагласи дека Украина од тој состанок очекува повторно да си ги врати животите.
– Сакаме да го вратиме животот на една суверена земја, на својата територија. Русија се чини сè уште не е подготвена да започне сериозни мировни преговори, додаде Зеленски.